Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на 22 декември премиерно ја изведе претставата „Стапица за глувци“ во режија на Борис Василески. Претставата е работена според делото на Агата Кристи со драматургија и превод на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографија и дизајн на светло на Мартин Манев, костимографија на Марта Дојчиновска и музика на Томе Темелкоски, а дизајнот на плакатот е на Илина Василеска.

Во претставата играат Сара Спиркоска, Илија Волчески, Дарко Карбески, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Михајло Миленкоски и Димитар Ѓорѓиевски.

Кога неправдата не се разрешува на задоволителен начин и кога злосторникот не ја добива соодветната казна, тогаш се раѓа желбата за одмазда. Токму оттука почнува оваа приказна, која ја испитува човековата перцепција на вистината. Секој мисли дека неговата перспектива е правилната, но што е, всушност, вистината? Како се манипулира со човековите мисли и зошто е толку лесно човек да биде наведен да размислува во погрешна насока, да си направи приказна во главата и да поверува во неа?

Сомнежот е фрлен врз секого и секој претставува потенцијална опасност, затоа што секој има своја скриена приказна. Претпоставките, едноставно, мора да бидат преиспитувани. Пред вас поставуваме предизвик – да се обидете да откриете кој е убиецот и да дознаете дали вашите почетни сомнежи биле точни. Можеби и самите на крајот ќе се изненадите. Во секој случај, не откривате им кој е убиецот на оние кои не ја гледале претставата. Нека остане тајна! – стои во експликацијата за претставата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.