На 20 октомври (петок), со почеток во 20 часот, на сцената на Театар Комедија во Скопје, ќе биде премиерно изведена претставата „Ало! Ало!“ во режија на режисерот Синиша Евтимов.
„Ало! Ало!“ е духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилството. Дејството е сместено во скопската кафеана „Кај Јорго“, во окупираното Скопје за време на Втората светска војна. „Кај Јорго“ е сврталиште на високите претставници на фашистичкиот окупатор во Скопје и на членовите на Отпорот, а сопственикот на кафеаната, Јорго, се труди да ги „менаџира“ односите со двете страни и да се одржи жив среде војната. Но, неретко се заплеткува во компромитирачки ситуации, обидувајќи се да ги балансира барањата на Отпорот и на фашистичките чиновници, што резултира со напнати и комични расплети. Хуморот во претставата го формираат многубројни зборовни игри, двосмислености, каламбури, јазични сплетки и сатиризирање на различни стереотипи и клишеа поврзани со минатото, но и со сегашноста во Македонија.
Играат: Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски – Тино, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски. Во подготовката на претставата учествуваа: Илина Ангеловска (сценограф), Александар Ношпал (костимограф), Борјан Стојков (асистент на режија), Марија Ѓорѓиевска (асистент на сценографот) и Ивана Каранфиловска (асистент на костимографот). Одговорен зад сцената е инспициентот Александар Јорданов, текстуална поддршка на актерите им дава суфлерката Зорица Манаскова Станковиќ, а за тонот и светлото се задолжени тон-мајсторот Георгиј Полизов и светло-мајсторите Слободан Илиоски и Виктор Лазаревски.
Претставата ќе биде дел од редовниот репертоар на Театар Комедија, а повеќе информации за датумите на изведбите се достапни на интернет-страницата www.teatarkomedija.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.