Во НУ Албански театар за деца и млади во Скопје вечерва ќе се одржи премиера на претставата за млади „Адамс Фемили“ со адаптација и во режија на Теа Беговска.
-Фамилија Адамс е приказна со која сите сме растеле и за поголемиот дел од публиката е веќе позната. Карактерите се препознатливи, многу атрактивни и предизвикувачки за креирање, како за актерите така и за режисерот. Оваа идеја за Фамилија Адамс за Теа Беговска постои повеќе од осум години и е среќна што Албанскиот Театар за деца и млади му даде шанса на овој проект да се реализира токму со ваква прекрасна екипа на актери. Имаме подела за карактерите која е полн погодок кај нас, се посочува во најавата за претставата.
Претставата е намената за млади и тинејџери, но и за возрасните, за родителите и сите семејства.
-Претстава во која како тема се проткајува љубовта и разбирањето за тоа дека таа е најсилна од се’. Прифаќање на нештата онакви какви што се. Разбирање за тоа дека убавината е во различноста, среќата е во различноста. Среќата како начин и избор, а не нешто наметнато и научено според правила. Вредностите на општеството се учат и применуваат само преку различностите, а не преку строги, одредени и единствени правила. Вредностите на едно семејство не се тоа што го пишува во учебниците, вредностите на семејството не се однапред измислена и научена дефиниција на памет – семејството е искреност, верба, љубов, прифаќање – целосна хармонија, се посочува во соопштението.
Во претставата играат Валдета Исмаили, Мелика Кастрати, Мумин Абдулахи, Деа Пајазити, Флакрон Али, Елдин Широки, Гзим Жерка и Блерим Дардишта.
Сценографија е на Дардан Ахмети и Теа Беговска, костими на Андреј Папаз Ѓоргиевски, композитор е Енес Беговски, мајстор за звук Албин Сопа, мајстор на светлата Елмедин Брахими и Амет Чајани, сценски работник Ќамуран Шапка и Јетмир Адеми, а гардероба на Месер Џемаили
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.