Пиесата „Нема струја за електричниот стол“ од современиот бугарски писател Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски вечер премиерно ќе биде изведена во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.
По големиот успех на претставата „Инферно“, за чии изведби и натаму ќе се бара билет повеќе, ова е втора соработка на Пројковски со Велешкиот театар.
Покрај режисерот Пројковски, зад претставата стојат: Сашо Димоски како драматург, Филип Коруновски како автор на сценскиот дизајн и плакатот за претставата и коавтор на видеодизајнот и анимациите заедно со Борче Конзулов. Музиката за претставата и нејзината изведба во живо е на Сашко Костов, а камерите во претставата се на Данчо Стефков и Александар Костов.
Актерската изведба им е доверена на Васил Зафирчев – во улогата на Осудениот на смрт и Исидор Јованоски во улогата на Леонард.
Александар Секулов е еден од најзначајните современи бугарски писатели, преведен на многу јазици во светот. Неговиот опус, остварен во драмата, прозата и поезијата, закитен е со најпрестижните бугарски награди – каков што е и случајот со „Нема струја за електричниот стол“ – пиеса која во 2016 година ја добила престижната награда за современа бугарска драматургија – „Аскер“.
Дејан Пројковски е еден од најзначајните театарски режисери во регионот. Во неговото портфолио стојат голем број маркантни наслови од историјата на светската драма и книжевност, реализирани во најзиначајните театарски куќи, закитени со најважните театарски награди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.