На 26 април во Македонскиот народен театар во 20 часот, премиерно ќе се изведе претставата „Леди Магбет“, најновото кореографско остварување на Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар. Музиката за претставата ја направи композиторот Тони Китановски, сценографијата е на Матеа Мијановиќ, а костимите се на Благој Мицевски. Во насловната улога како Лејди Магбет настапува Анастасија Данчевска, а во улогата на Магбет Дејан Битровски. Вештерка или алтер его на Лејди Магбет е Бобан Русески, Вештерка или алтер его на Магбет е Сара Цветковска. Во улогите на Вештерки настапуваат Моника Шолевска, Клара Христовска, Стефани Шааршмит, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова и Ангела Петревска, од Катедрата за танц при универзитетот „Гоце Делечв“. Асистент-репетитор на претставата е Адријана Данчевска.

„Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин се бави со психолошкиот профил на насловниот лик. Тоа е интимна историја, без наративна приказна, слики и скици за дилемите на постоењето.

Претставата е селектирана на престижниот „Шекспир фринге фестивал“ во Верона Италија, каде на 29 август годинава, ќе ја има својата светска премиера во „Teatro Camploy“. Во меѓувреме, „Лејди Магбет“ е веќе поканета да гостува на сцените на повеќе театри и фестивали низ земјава.

Рисима Рисимкин е една од водечките кореографки во земјава и деканка на Филмската академија и Катедерата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Во 2022 година, таа имаше историско гостување и претставување на Скопје танцовиот театар на една од најзначаните светски сцени, Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, каде критиката ја оцени нејзината претстава „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ како брилијантна. Рисимкин со свои кореографии, меѓу другото настапува на фестивали и театарски сцени во Њујорк, САД, Хаг, Амастердам и Ротердам, Холандија, Пекинг и Чуанџо, Кина, Лондон, Велика Британија, како и на фестивали и театри низ регионов и во земјава. Рисимкин е оснивач на Танц Фест и Скопје танцовиот театар и во изминативе триесетина и повеќе години ја развива домашната современа танцова сцена. Таа е основач на првата наставна програма за современ танц на универзитетско ниво, која ја оформува во соработка со КОДАРТС универзитетот од Холандија и преку која создава нови современи танчери и кореографи кај нас, кои ги пласира на домашната и странска сцена преку продукциите на Интерарт културниот центар, кој од 2019 година го води Матеа Мијановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.