Вечерва, во рамките на фестивалската „програма-плус“ на 41. Скопски џез фестивал, вo Кино Фросина, со почеток во 20 часот, ќе биде премиерно прикажан музичкиот документарец „Summer of Soul (…Or, When the Revolution Could Not Be Televised)“. Станува збор за филмско деби остварување на познатиот американски хип-хоп артист Амир „Квестлав“ Томпсон, кој претставува дел музички филм, дел историски запис – посветен на еден епски настан што ја прослави афроамериканската историја, култура и мода. Во текот на шест недели во летото 1969 година, на само сто милји јужно од Вудсток, беше одржан и снимен The Harlem Cultural Festival во паркот „Маунт Морис“ (сега парк „Маркус Гарви“). Снимката беше одамна заборавена – сè до сега. „Summer of Soul“ ја истакнува улогата и важноста на историјата за нашата духовна благосостојба и претставува цврст доказ за исцелителната моќ на музиката во време на немири, како во минатото, така и денес. Документирани се концертни изведби на Стиви Вондер, Нина Симон, Sly & the Family Stone, Gladys Knight & the Pips, Махалија Џексон, Би Би Кинг, The 5th Dimension и многу други. Филмот освои голем број награди, меѓу кои и Оскар за најдобар документарен филм и Греми за најдобар музички филм.

Официјалната програма на 41. издание на Скопскиот џез фестивал стартува во четврток (13 октомври) со концертот на Rob Mazurek Exploding Star Orchestra with Fame’s Chamber Orchestra.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.