Спроти отворањето на 35. издание на „Поетската ноќ во Велестово“, денеска во 13 часот во Велестово свечено ќе биде откриена скулптурата „Раката на поетот“.
Како што информира програмскиот директор на манифестацијата, Јулијана Величковска, станува збор за дело на уметникот Никола Пијанманов кој е инспириран од песната „Есен“ на големиот германски поет Рајнер Мариа Рилке.
Скулптурата е донација од уметникот за фестивалот, а реализацијата ја овозможи Општина Охрид.
Истиот ден, со почеток од 18 часот во кафе бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Прелудиум“ – преднастан на јубилејната 35. Поетска ноќ во Велестово, на кој ќе настапат осум поети од пет земји: Марија Дејановиќ (Хрватска), Ким Симонсен (Фарски Острови), Танос Гогос (Грција), Марио Де Роза (Италија), а од домашните автори ќе настапат Долорес Атанасова ‒ Лори, Ѓоко Здравески, Марина Икономова Шокева и Сашо Огненовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.