Мајската програма во Кинотека почнува со новиот македонски долгометражен игран филм ПРЕЕКСПОНИРАНО (Things Unsaid) на Елеонора Венинова (Eleonora Veninova), со Благој Веселинов, Камка Тоциновски и Сара Климоска (Blagoj Veselinov, Kamka Tocinovski, Sara Klimoska) во главните улоги. Дебитантскиот филм на Венинова ја раскажува сторијата за проблематична тинејџерка која ја нарушува кревката рамнотежа на една брачна двојка откако доаѓа кај нив на гости на неколку дена, кога ќе мораат да ги преиспитаат односите во нивниот брак.
ПРЕЕКСПОНИРАНО
(Things Unsaid)
Игран филм, Македонија / Србија
2022, 95 мин., колор, ДЦП
Режија: Елеонора Венинова (Eleonora Veninova)
Сценарио: Елеонора Венинова (Eleonora Veninova)
Улоги: Благој Веселинов, Камка Тоциновски, Сара Климоска (Blagoj Veselinov, Kamka Tocinovski, Sara Klimoska)
Приказната во дебитантскиот долгометражен игран филм на Венинова има личен момент, како и во нејзините кратки филмови. Проблематична тинејџерка ја нарушува кревката рамнотежа на брачна двојка откако доаѓа кај нив на гости на неколку дена.
Брачната двојка престојува во викенд куќа во Охрид и нивниот мир и брачна идила се нарушени од тинејџерка која е ќерка на нивни блиски пријатели. Тие двајца ќе се доведат во ситуација да ги преиспитаат односите во својот брак…
ПРЕЕКСПОНИРАНО имаше светска премиера во официјалната натпреварувачка програма на Cairo International Film Festival, Египе, во ноември 2022 година, а годинава учествуваше и фестивалите Pune International Film Festival, Индија, Dolina Miru KinEst Fest, Италија, Eurazja Film Festival, Полска…
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
На почетокот на мај го одбележуваме и заминувањето на неодамна починатиот композитор Рјуичи Сакамото (Ryuichi Sakamoto, 1952-2023) со проекцијата на ПОСЛЕДНИОТ КИНЕСКИ ЦАР (The Last Emperor) на Бернардо Бертолучи (Bernardo Bertolucci). Сакамото, кој има мала улога во ПОСЛЕДНИОТ КИНЕСКИ ЦАР, е еден од пионерите на електронскиот звук во светската музика. Меѓу другото, компонирал музика и за „оскаровскиот“ ПОВРАТНИКОТ (The Revenant, 2015) на Алехандро Инариту, СРЕЌЕН БОЖИК, МИСТЕР ЛОРЕНС (Merry Christmas, Mr. Lawrence, 1983) на Нагиса Ошима, каде што и глуми заедно со Дејвид Боуви…, велат од Кинотека.
ОМАЖ НА РЈУИЧИ САКАМОТО
2 МАЈ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ПОСЛЕДНИОТ КИНЕСКИ ЦАР
(The Last Emperor)
Игран филм, В. Британија / Италија / Франција
1987, 163 мин., колор, 35 мм
Режија: Бернардо Бертолучи (Bernardo Bertolucci)
Сценарио: Марк Пипло, Бернардо Бертолучи (Mark Peploe, Bernardo Bertolucci)
Улоги: Џон Лон, Џоан Чен, Питер О’Тул, Роченг Јинг (John Lone, Joan Chen, Peter O’Toole, Roucheng Ying)
Во 1950 година, последниот кинески император Пу Ји доаѓа во новопрогласената Народна Република Кина како затвореник и воен злосторник, пет години откако бил заробен од Црвената армија, кога Советскиот Сојуз влегол во војната на Пацификот. Во периодот на заробеништво, Пу Ји бил под заштита на Советите и неуспешно се обидел да се самоубие.
Кога ќе почне да се сеќава на своето прво влегување во Забранетиот град (царската палата), од моментот кога бил доведен таму како тригодишно дете и поставен на тронот, ќе бидат откриени детали од неговото минато, детството и раната младост. Осуден на живот без семејство и пријатели, со забрана за напуштање на царската палата каде што се чувствувал сè повеќе како во затвор, Пу Ји никогаш не бил среќен и слободен.
Доаѓањето на шкотскиот учител Реџиналд Џонстон ќе ја разгори желбата да го запознае светот, посебно Западот и неговите обичаи. На 16-годишна возраст, Пу Ји се оженил со атрактивната Ван Јунг, но и покрај тоа, неговата конкубина Вен Циу сè уште му била при срце. И кога бил принуден да абдицира и да ја напушти царската палата, Пу Ји се вратил во својата родна Манџурија, која била окупирана од јапонската војска во 1931 година.
Работен според наводната (неавторизирана) автобиографија на Хенри Пу Ји (Henry Pu Yi), последниот кинески цар, биопикот на Бертолучи освои 9 „Оскари“ – меѓу нив и за најдобар филм, режија, адаптирано сценарио и фотографија (Виторио Стораро) – четири „Златни глобуси“ и француската награда „Цезар“, три британски филмски награди БАФТА во 1989 година. Бертолучи е прв режисер што добил дозвола од кинеските власти за снимање во Забранетиот град во Пекинг.
Музиката во филмот наградена со „Оскар“ е на неодамна починатиот композитор Рјуичи Сакамото (Ryuichi Sakamoto, 1952 – 2023), заедно со Дејвид Брн (David Byrne, некогашниот фронтмен на „Talking Heads“) и Конг Су (Cong Su). Сакамото, кој има мала улога во ПОСЛЕДНИОТ КИНЕСКИ ЦАР, е еден од пионерите на електронскиот звук во светската музика. Меѓу другото, компонирал музика и за „оскаровскиот“ ПОВРАТНИКОТ (The Revenant, 2015) на Алехандро Инариту, СРЕЌЕН БОЖИК, МИСТЕР ЛОРЕНС (Merry Christmas, Mr. Lawrence, 1983) на Нагиса Ошима, каде што и глуми заедно со Дејвид Боуви…
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.