Зајакнување на регионалната соработка и олеснување на прекуграничната соработка за колективното управување со авторски и сродни права за да се овозможи ефикасна заштита и праведен надоместок за актерите, редовна координација и следење на постигнатите цели за постојано усогласување со ЕУ регулативите и стандардите за заштита на правата на актерите, унапредување на доходот од авторски права и сродни права, поддршка на основање и зајакнување на здруженијата за колективно управување, развој на алатки и ресурси и прилагодување на секторот кон дигиталната ера, каде што дигиталните платформи бараат нови пристапи за управување со правата на актерите. Ова се заклучоците од дводневната конференција „Проширувањето на ЕУ и авторското право: Што е следно за актерите во Западен Балкан?“ што се одржа вчера и завчера во Скопје.
Конференцијата собра водечки претставници од здруженијата за колективно управување со авторски права и сродни права од сите земји од Западен Балкан, експерти за авторски права и актери, фокусирајќи се на тоа како земјите кандидати за членство можат поуспешно да ги усогласат своите закони со европските стандарди и да ги заштитат правата на актерите.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, нагласи дека усогласувањето со европските стандарди не е само обврска, туку и можност да се потврди заложбата на регионот кон нашите уметници, кон нашите изведувачи и кон иднината на нашите креативни индустрии.
– Тоа е потврда дека Западен Балкан е подготвен да ги заштити луѓето кои ги полнат нашите екрани, нашите сцени и нашите срца со својата работа. Но, легислативата сама по себе не доволна. Тоа бара акција, бара спроведување и бара колективен напор за да се осигураме дека ниту еден актер, ниту еден изведувач не е изоставен. Затоа конференцијата како оваа се исклучително значајни – изјави министерот.
Амбасадорот на Словенија во нашата земја, Грегор Прескер, ги спомена ЕУ директивите што треба да се имплеметираат за подобра заштита за изведувачите и истакна дека Словенија постигнала особен напредок после години макотрпен труд и дијалог со владата, иако на земјата ѝ претстојат уште предизвици.
– Не смееме да го занемариме економскиот аспект и придонес на аудиовизуелниот сектор кон целокупната економска слика – нагласи тој.
Марија Канелопулу од Делегацијата на ЕУ во земјава посочи дека заостануваме во имплементирање на европските директиви во законодавството.
– Станува збор за исклучително сензитивна тема каде правилата на игра мора да бидат јасни и да постојат неопходните ресурси во надлежните институции за спроведување на овој закон – забележа Канелопулу.
Актерот Гораст Цветковски, од Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права АЗАС, посочи дека е од клучно значење актерите да добиваат праведна компензација за својата работа на стриминг платформите, нешто што до сега не било возможно.
Тило Герлах, претседателот на Асоцијацијата на европски актерски организации АЕПО-АРТИС се надоврза на Цветковски и додаде дека заштитата е пресудна особено во дигиталната средина за да се обезбеди простор за културна разновидност.
Конференцијата ја отвори Кирил Ѓозев, генерален секретар на АЗАС, а ја затвори Грегор Штиберник од словенечката Агенција за интернационална заштита на правата на актерите (AIPA). На првиот ден од конференцијата, присутните имаа можност детално да се запознаат со состојбата на заштитата на правата на актерите во нашата земја и Србија преку презентации и панел-дискусии. Вториот ден беше посветен на ситуацијата во Косово, Албанија и Босна и Херцеговина, со фокус на предизвиците и можностите за унапредување на заштитата на актерските права во овие земји. Секој ден донесе нови согледувања и размена на искуства, кои придонесоа за зацврстување на регионалната соработка и поставување на темели за идни иницијативи кои ќе ги поддржат правата на актерите на патот кон Европската Унија. Настанот го организираа АЕПО-АРТИС и АЗАС Скопје, со поддршка на Министерството за култура и туризам и во соработка со словенечката АИПА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.