„Раст на платите во културата немаше повеќе од 20 години. 20 години не беше обрнато внимание на тоа и кога зборуваме за влоговите во културата, тоа е еден од најголемите. Потпишувањето на колективниот договор во 2019 година овозможи раст на платите во култура за повеќе од 43 отсто и гарантира постојан раст, односно усогласување со растот на минималната плата на годишно ниво“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на конференцијата „Година на европски можности“.

Таа додаде дека благодарение на колективниот договор, Министерството се посвети и на зголемување на платите на директорите на културните установи, бидејќи секој директор ја носи одговорноста и треба да биде соодветно вреднуван.

„Во овие две години во културата се вложени повеќе од 900 милиони денари за реконструкција на постоечките објекти кои се под Министерството за култура и продолжуваме да инвестираме во изградба на нови објекти. Продолжуваме во Тетово со театарот-библиотека, продолжуваме со изградбата на Турски театар. Крајот на минатата година го потпишавме договорот за новите простории на Џез оркестарот“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката кажа дека заврши и целата процедура за училиштето во Љубојно што прераснува во Центар за промоција на македонски јазик, со што се негуваат нашите вредности, култура, историја и јазик.

„32,8 милиони денари се обезбедени за целосна реконструкција на училиштето во Љубојно, што треба да заврши за две години“ рече Костадиновска-Стојчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.