Директорите на НУЦК „Трајко Прокопиев“ и на драматично-куклениот театар „Иван Радоев“ од Плевен Бугарија, Сашо Тодоровски и Димитар Кабаков, Денеска потпишаа меморандум за соработка помеѓу двата театри.
– Се надеваме дека во периодот што следува ќе имаме плодна соработка со овој театар и сигурен сум дека ќе реализираме заеднички претстави во кои би играле актери од двата театри, заеднички гостување, каде сето тоа би било помогнато од двете држави. Тука сме да воспоставиме мостови, соработка и меѓу нашите држави, изјави директорот на НУЦК, Сашо Тодоровски.
Димитар Кабаков, директорот на драматично куклениот театар – „Иван Радоев“ вели дека идејата за соработка потекнала при заедничка средба со Тодоровски.
– Ова е најдобриот пат тука на Балканот кон создавање на нормални односи и зближување на народите. Нашата работа е да се собираме заедно, да работиме и да ја радуваме нашата публика, како тука, така и во Бугарија. Од тоа поубаво и поважно нема, вели Кабаков.
Двајцата директори сметаат дека е важно да одиграат претстава во која ќе се вклучат актерите од двата театри, но и дека ќе добијат поддршка од државните институции.
Тодоровски и Кабаков кажаа дека културата е таа којашто ги создава мостовите и преку чија соработка може да се придонесе до зближување на народите и државите.
Инаку, вечерва Театарот од Плевен ќе игра во Центарот за култура Куманово, со претставата „Еден маж и една жена“.
Во претставата играат актерите Георги Ангелов и Мариета Калпова. Актерот Ангелов кажа дека претставата предизвикува бура од емоции, додека неговата колешка очекува претставата да им се допадне на кумановци.
Граѓаните ќе ја проследат вечерва од 20:00 часот во Центарот за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.