Вечерва во Културно Информативниот Центар во Скопје, со почеток од 19:00 часот, ќе може да го проследите третото и воедно последно предавање на проф. д-р Игор Радев од циклусот: Патот на свилата помеѓу историјата и културата насловено како Последниот процут на Патот на свилата.

Патот на свилата за последен пат доживува подем како трансверзала за економска и културна комуникација во текот на XIII и XIV век, што се поклопува со епохата на интернационалната Монголска империја, кога речиси целокупното евроазиско копно станува дел од еден државен систем, што крајно ќе го олесни патувањето по неговиот тек.

 

Ова ќе ја овозможи и појавата на феноменот на „светски патници“, од кои најпознати, секако, се Марко Поло (1254-1324) и Ибн Батута (1304-1369), но тука се и помалку познатите, како Рабан Бар Саума (circa 1220-1294). Во оваа епоха Патиштата на свилата не служат само како трговски артерии, туку исто така и како канали на административна комуникација на Монголската „федерална“ империја, што воедно ќе придонесе за создавање на космополитски политички елити, но и размена на научни кадри, како што е, на пример, астрономот Џамал ад-Дин Бухари (XIII век), кој ја пренел птоломејската астрономија во Кина.

Истиот период и тогашните кинески технолошки и економски иновации, како компасот и барутот, но и книжните пари за првпат отпечатени во XI век, ќе бидат пренесени понатаму кон Запад. Патувале и уметничките форми, па така, во ова време настанува прочуената персиска минијатура под влијание на класичното кинеско сликарство, но истовремно од Иран за Кина ќе биде пренесена техниката за изработка на познатата сино-бела керамика со помош на кобалтен оксид.

 

Епилог на милениумската приказна за Патот на свилата ќе му даде морепловната епопеја (1405-1433) на адмиралот Чжѐнг Хе́’ (1371-1433), после која само неколку децении подоцна со втурнувањето на португалската армада на Васко де Гама (1460-1524) во Индискиот океан, светот ќе влезе во нова економска и цивилизациска парадигма, онаа на атлантската ера, како антитеза на парадигмата олицетворена во Патот на свилата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.