Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ изминативе четири дена ги презентира успесите на фестивалот на Самитот на уметнички фестивали во Гирона, Шпанија во чии рамки се одржа и 70. Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА).

 

Поповиќ, која пред две години ја доби титулата почесен делегат на ЕФА, рече дека членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека фестивалот „Охридско лето“ е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација, а потврда за тоа е високата оцена од Асоцијацијата со која „Охридско лето“ се искачи на високото петто место меѓу 140 фестивали, членки на ЕФА.

 

„Културата, уметноста и традицијата го опишуваат кодот на секој народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност. Токму „Охридско лето“ е кодот на културата на Балканот, најголемиот промотор на соработка  на новата визија на иницијативата „Отворен Балкан“ која отвора нова култура. Фестивалот „Охридско лето“ е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот, фестивал со вековна отвореност кон културите создавајќи духовна интеракција во размената на светските добра. Повеќе од половина век,  фестивалот „Охридско лето“ претставува најголемата културна музичко-сценска манифестација,  препознатлива не само кај нас, туку и во светски рамки, цврсто чекорејќи кон остварување на мисијата- културна Европа со заеднички врвни културни вредности“, кажа во својот говор директорката Поповиќ.

 

Пред првите луѓе на ЕФА и над 300 делегати и претставници на најдобрите европски фестивали, Поповиќ зборуваше и за богатата фестивалска историја на „Охридско лето“ во градот кој е духовен центар на македонската култура.

 

„Долгогодишното опстојување на оваа манифестација упатува на една голема традиција, која извира од градот Охрид, духовната престолнина на државата и важи за столб на македонската култура и стожер на нашата традиција“, истакна таа во своето обраќање.

 

На четиридневниот собир во Гирона и Паралада, Поповиќ оствари и бројни средби на кои беше потенцирана улогата на уметноста, фестивалите и фестивалските чинители во општеството. Според неа, ЕФА е местото од каде се промовира врвната уметност, се негува традицијата, се градат мостови помеѓу културите на различните народи и се создава визија за иднината на светската уметничка сцена.

 

„Охридско лето“ секое фестивалско издание се качува скалило погоре во светот на уметноста. Се воведуваат новини кои го прават поатрактивен и попривлечен за врвните уметници. Остануваме посветени на патот кој го потврдува за нас значајното високо место во Европската асоцијација на фестивали“ истакна Поповиќ.

 

ЕФА асоцијацијата вклучува над сто фестивали од 40 земји. Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е значаен партнер на асоцијацијата. На минатотогодишното фестивалско издание високи претставници на Европската Асоцијација на Фестивали предводени од  претседателот Јан Бриерс беа дел од Свеченото отворање на фестивалот со четирите врвни италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.