Насловена како „Политичарење“, самостојната изложба на Андреј Марјановиќ, која – разработува теми кои во себе содржат „политичка“ заднина или се вид коментар на наметнатите „политикантски“ ситуации во современата култура, ќе биде отворена за јавноста од 24 ноември до 1 декември.
Изложбата ќе биде отворена на 24 ноември во 21 часот во Отвореното Графичко Студио во Музејот на Град Скопје.
Авторот посочува дека изложбата е насловена според терминот „политичарење“ кој одговара на сленг-терминот politickin’ на англиски јазик, што ги спојува термините „политика/политичар“ и „трачарење“, нешто како „бистрење политика“ или „тепање празна слама“.
„Делата се занимаваат со истражување на концептот на играта во уметноста, културата и во секоја област на човеково постоење, заменливоста на улогите кои играчите ги прифаќаат, како што покажува, на пример, затворскиот експеримент на Катедрата по психологија во Универзитетот Стенфорд (1971 година), како и судбината на визуелниот јазик на графичкиот дизајн во современото пазарно општество, маркетинг и веб комуникација“, се вели во најавата за настанот.
Дополнително, авторот посочува дека делата се занимаваат и со можностите на графичкиот дизајн да биде продолжена рака на уметноста на графиката, а техниките на сериско производство и масовна продажба да бидат алатка за ширење и глорификација, наместо девалвација, на уметничките пораки и вредности.
Андреј Марјановиќ (1978, Скопје) дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2004 година, на отсекот за графика и применета графика. Неговите први изложби во областа на графиката – „Повторувања / Recurrences“, 2007, во Отвореното Графичко Студио при Музејот на Град Скопје – остануваат забележани како ретко експериментално графичарско истражување во областа на цилиндричните печати, како и можноста за создавање неограничени величини на форматот во областа на графиката.
Се изразува во повеќето класични техники, а особено твори и како мултимедија уметник, графити уметник и електронски музичар.
Без оглед на техниката и примената, неговата уметност секогаш е заинтересирана за експериментирање, иновативност и интермедијалност. Во интермедијалните односи особено го привлекува музика, стрип, улична уметност, компјутерска уметност, видео игри и филм. Неговите дела стилистички се доближуваат до минималистички, симболичен и апстрактен израз, а содржински се проникнати со длабоко промислени концепти, критичен приод, автореференцијалност и хумор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.