Во просториите на КСП Центар–Јадро денеска (10. мај) во 20 ч., ќе се одржи претставување на поетското творештво на швајцарско-италијанската поетеса Лучила Трапацо. Вечерта е замислена како непосредна поетска дружба и средба со авторката, на која ќе се интерпретираат песни на неколку јазици и ќе се разговара за поезијата, чинот на творењето, светските современи книжевно-културни текови и сл.

На настанот, македонската јавност ќе има можност одблиску да се запознае со поетското творештво на Лучила Трапацо која е вљубеничка во македонската култура и јазик, но и со неа како уметница, а пред сè како личност.

На овој редок настан ќе учествуваат и поетесата, преведувачка и слемерка Елена Пренџова, која ќе ја претстави Лучила Трапацо и ќе го води разговорот со неа и актерката, поетесата и театрологинката Христина Цветаноска, која ќе ги интерпретира стиховите на македонски и италијански јазик.

Лучила Трапацо е швајцарско-италијанска поетеса, преведувачка, актерка, уметница и перформерка. Живеела и творела во многу светски културни центри, меѓу кои и Брисел, Вашингтон и Њујорк, но денес живее во Цирих, Швајцарија. Ги поддржува човековите права и се залага за зачувување на планетата Земја, а нејзината социјална и феминистичка и т.н. женска гледна точка се рефлектира во многу нејзини дела. Учествувала на многу меѓународни фестивали (меѓу кои и Струшките вечери на поезијата во Македонија), а нејзините песни се преведени на 18 јазици и објавени во меѓународни антологии и литературни списанија, како и наградени со бројни награди.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.