Македонската публика синоќа премиерно можеше да ја погледне претставата „Без крв“ во рамките на годинашниот интернационален театарски фестивал „ Млад отворен театар“.

Водечката бугарска режисерка Диана Добрева, драматургот Александар Секулов, актерската екипа, кореографот Олга Панго, сценографот Валентин Светозарев,  и всушност целата екипа од заедничкиот проект меѓу театарот „ Јордан Хаџи Константинов- Џинот “ од Велес и Драмскиот театар од Пловдив – Бугарија , во рамките на двегодишниот меѓународен проект „ Манифест“ покажаа едно комплетно дело каде секој беспрекорно ја завршил својата работа.

Одмазда, простување , љубов во поствоено време се мотивите на протагонистите во претставата која е работена посред истоимениот роман на Алесандро Барико. Се работи за љубовта што се раѓа и само таа љубов може да ги затвори раните. Фабулата ја следи Нина, од малечка до возрасна жена која се одмаздува заради убиството на татко и и на брат и, за време на граѓанската војна. Таа се среќава со Тито, кој бил дел од бандата ликвидатори, но не посегнал по нејзиниот живот. Дејствието е пренесено преку драмска игра, музика , сонгови и кореографија, доловувајќи ја шпанската корида, танцот, но и исламските песни- касиди. На тој начин , поетиката во која се спојуваат нежноста и суровоста од новелата на Барико, е пренесена во претставата.

„ Без крв“ е претстава која меѓучовечката љубов ја издигнува до цивилизациска потреба од емпатија, во ова време на сериозни геополитички превирања.Таа следната година ќе биде изведена на фестивалот „ МИТЕМ“ во Будимпешта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.