Издавачката куќа „Антолог“, која го организира фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, со особено задоволство ја најавува утрешната свечена церемонија со која пред читателите се отвора импресивната програма на осмото издание на Фестивалот BookStar (3-5 октомври).
Под мотото „Храбри нови зборови“ / Brave new wor(l)ds“, годинава ќе бидат претставени исклучителни европски и домашни автори, кои ќе учествуваат на десетина книжевни разговори, поткасти, работилница за раскажување приказни, читање, предавање, а ќе бидат доделени и наградата BookStar за најактуелна книга меѓу две фестивалски изанија и нововостановената награда за најдобар превод „Драги“, во чест на Драги Михајловски. Хибридниот формат на фестивалот го даваат само два настана што ќе бидат онлајн, сите останати автори ќе присуствуваат лично во Скопје. Наградата „BookStar 2022“ ќе ѝ биде доделена на нобеловката Светлана Алексиевич.
ГЛАВНА ПРОГРАМА
3 октомври
BookStar ќе започне со претфестивалски настан – видео разговор со авторот Саша Станишиќ на тема „За потеклата и случајностите што (не) постојат“ во 15 часот, во Кино „Фросина“ Разговорот ќе го водат преведувачката на неговата книга „Потекло“, Елена Конеска Светиева и филмскиот режисер и писател кој го носи истото име и презиме со авторот – Саша Станишиќ.
Во 19:30 фестивалот „BookStar“ 2022 ќе го отвори поетот, есеист и преведувач Никола Маџиров со испраќање на својата книжевна порака до гостите. Веднаш потоа, на сцената ќе се појави „исландската кралица на трилерот“ Ирса Сигурдардотир и заедно со Јордан Коцевски и Александар Маџаровски, ќе разговараат на тема „Тајните на животот, мистериите на литературата“.
Првиот фестивалски ден ќе се заокружи со разговорот „Нова бугарска книжевност“ помеѓу современите бугарски автори Оља Стојанова Џакова и Петар Денчев, а модератори на настанот ќе бидат Владимир Јанковски, добитник на наградата Роман на годината 2020 и Душко Крстевски, преведувач од бугарски јазик.
4 октомври
Главната програма на втората фестивалска вечер, ќе започне во 19 часот со разговор со EUPL авторите – Даина Ополскаите (Литванија), Петар Андоновски (Македонија), Владимир Јанковски (Македонија), а модератори ќе бидат Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски. Ќе разговараат за „Наградата за литература на Европската Унија: Националниот наспроти меѓународниот книжевен контекст“.
Во 20 часот, фестивалот ќе продолжи со настанот „V+V=W“ – разговор со хрватскиот автор Игор Штикс, човек со богата биографија и врвен интелектуалец. Модератор на настанот е театрологот Јелена Лужина.
Во 21 часот на сцената ќе бидат авторката на книгата „Гитара од палисандер“ кој доживеа огромен успех меѓу нашите читатели – Кристина Гавран (Хрватска) и Богдан-Александару Станеску (Романија), писател и преведувач на најголемите англиски имиња на романски јазик. Заедно со нив ќе настапат и модераторите на настанот Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски. Ќе се разговара за „Историјата како приказна, приказната како историја“.
5 октомври
Последната вечер ќе започне со проекција на филмот „Петтиот брод“ (2017) во режија на Ивета Грофова од 18 часот. Филмот е снимен според истоимениот роман од Моника Компаникова, гостинка на BookStar. Писмото испратено до BookStar од филмските автори ќе биде прочитано од писателот и преведувач Стојан Лекоски.
Веднаш потоа, од 19:30 часот, е закажан разговорот „Секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“ со авторките Надја Теранова (Италија) и Моника Компаникова (Словачка), а модератори ќе бидат Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски. И двете авторки напишале два семејни романи кои уште еднаш ја докажуваат тезата дека иако семејниот роман е еден од најчесто користените под-жанрови во литературата, тој никогаш нема да ги исцрпи своите капацитети.
Во 20:30 часот ќе претставиме една нова иницијатива – Наградата за најдобар превод „Драги“. Целта е, од една страна, да се даде прилог кон овековечувањето на животот и делото на Драги Михајловски, а од друга страна, да се постави нов стандард во вреднувањето на преведувачката дејност.
Фестивалот ќе го заокружиме со завршната манифестација во 21 часот т.е. свечената церемонија на наградата „BookStar“ 2022 доделена на нобеловката Светлана Алексиевич за нејзината книга „Војната нема женско лице“ – во која несомнено секој збор е храбар. Видео разговор со авторката ќе водат Андреј Јованчевски, преведувач од руски јазик и професорката Лидија Танушевска.
СПЕЦИЈАЛНИ НАСТАНИ
Креативна работнилница
На 4 октомври во 14 часот во Џебно кино во МКЦ, ќе се одржи креативна работилница со писателката Кристина Гавран – STORYTELLING: РАСКАЖИ ЈА ПРИКАЗНА ЗА СЕБЕ. На работилницата ќе се истражува низ сопствените сеќавања, ќе се создаваат приказни од хаосот на нашето секојдневие и ќе се раскажуваат вистински животни настани. Работилницата е со претходно пријавување, а бројот на учесници е ограничен.
Предавање на Игор Штикс
На 5 октомври во 16 часот, во КСП Центар – Јадро, писателот Игор Штикс ќе држи предавање на тема Активистичка литература. На ова предавање авторот ќе зборува за комплицираниот, комплексен и ризичен однос помеѓу уметникот и општествениот и политички ангажман, тргнувајќи пред сè од сопственото искуство.
Книжевно читање „Храбри нови зборови“
На 5 октомври со почеток во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, ќе се одржи книжевно читање „Храбри нови зборови“. Ќе бидат осум европски и осум македонски автори. Ќе се прочитаат извадоци од нивните вредни дела на оригинални јазици и ќе се доживее храброста на зборот на новите книжевни гласови. Настанот ќе го води – Ана Голејшка Џикова.
Странски учесници: Ирса Сигурдардотир (Исланд), Петар Денчев (Бугарија), Богдан-Александар Станеску (Романија), Кристина Гавран (Хрватска), Оља Стојанова Џакова (Бугарија), Игор Штикс (Хрватска), Даина Ополскаите (Литванија), Надја Теранова (Италија), Моника Компаникова (Словачка)
Домашни учесници: Јордан Коцевски, Снежана Стојчевска, Билјана Црвенковска, Петар Андоновски, Елена Филиповска, Владимир Јанковски, Елизабета Баковска, Жарко Кујунџиски.
#8 саем на европската литература
За време на Фестивалот „BookStar“ (3-5 октомври), специјално за сите посетители се организира осмото издание на Саемот на европската литература.
Меѓу другото, ќе можат да се набават книгите добитнички на престижната Награда за литература на Европската Унија, но и други наслови од најдобрата европска и македонска продукција, како и три изданија што излегуваат специјално за Фестивалот – „W“ и „Сечилиште“ од Игор Штикс и „Штама“ од Ирса Сигурдардотир.
А тука ќе биде и Зборче, иновативната книжарница на тркала, која ги приближува најдобрите книги за читателите од целата држава.
Акциските цени ќе важат единствено во Младинскиот културен центар, за времетрањето на Фестивалот, секој ден од 14:00 до 22:00 ч.
Поткаст во живо
Како и секоја година, поткастот „Гол“ ручек продолжува со Душко Крстевски, познат на книжевната јавност по своите впечатливи настапи како поет и како литературен промотор.
За време на „BookStar“ 2022 на сцената на Џебното кино во МКЦ на жешкото столче ќе седнат петмина европски писатели, кои имаат што да кажат на многу книжевни и општествени теми.
Ова е можност во живо да присуствувате на снимањето на новите епизоди од првиот книжевен поткаст кај нас, и тоа:
Ирса Сигурдардотир (Исланд) – 3 октомври, 17:00 часот
Кристина Гавран (Хрватска) – 3 октомври, 18:00 часот
Петар Денчев (Бугарија) – 4 октомври, 17:00 часот
Надја Теранова (Италија) – 4 октомври, 18:00 часот
Даина Ополскаите (Литванија) – 5 октомври, 17:00 часот
Кога писател шета писатели
На 4 октомври во 11 часот, поетот, раскажувач, музичар, фотограф, преведувач, а на овој настан главно како запознавач на странските туристи со душата на Скопје – Васко Марковски ќе им прави неформална тура низ Скопје на учесниците на „BookStar“.
Васко Марковски е „урбана легенда“ на градот за кој ужива да прикажува. Соработката со „BookStar“ е од 2019 година.
НАГРАДА „BOOKSTAR“ ЗА 2022 ГОДИНА
Годинава фестивалот одлучи наградата „BookStar“ за 2022 година да биде доделена на книгата „Војната нема женско лице“ од Светлана Алексиевич, пред сè поради храброста да се пишува за жените во војната, да се интервјуираат жените кои биле директно вклучени во Црвената армија, да се разберат нивните приказни и да се споделат јавно со целиот свет. „Војната нема женско лице“ е една од најпознатите книги за војната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.