Под мотото „Македонистички гордорек“, од денеска во Охрид почнува 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на која ќе учествуваат 65 македонисти од 17 земји. Летната школа ќе се одржува до 29 август, а за првпат годинава ќе бидат доделени и наградите „Воздејства“.

Македонистите од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Р. Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник на 51. Меѓународна научно конференција ќе ја развиваат македонистиката како наука.

Како што е најавено, свеченото отворање на 57. Летна школа на МСМЈЛК ќе биде утре во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, на кое поздравни обраќања ќе имаат претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, ,  министерот за надворешни работи и надворешна трговија д-р Тимчо Муцунски, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска. Потоа ќе следува музички настап на проф. д-р Драган Даутовски, кој ќе свири на окарина, древен иструмент од пред 7000 години, а проф. д-р Андријана Јаневска ќе настапи со вокална изведба, по што ќе следува промоција  на Зборникот-Предавања од 56. Летна школа.

За првпат годинава, на свеченото отворање ќе бидат доделени награди „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката.

Наградите ќе им бидат доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. На отворањето ќе бидат доделени и благодарници „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката, на Општина Охрид, АД Алкалоид-Скопје, АКУД Мирче Ацев, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Перчо Божиновски заменик градоначалник на Општина Охрид, Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид-Скопје и Благоја Јованоски, директор на АКУД Мирче Ацев.

Годинава, како што истакна директорката проф. д-р Кристина Николовска, програмата на 57. Летната школа ќе има подновен концепт со визија, со збогатени и иновативни содржини.

-Покрај редовна лекторска настава и пленарните предавања на реномираната филолошка и културолошка школа на УКИМ, од оваа година започнува амбиентална настава која ќе се одржува во срцето на градот Охрид, на изворите на сесловенската и македонската писменост. Амбиенталната перипатетичка настава „По стапките на Свети Климента“ ќе ја одржуваат проф. д-р Димитар Пандев и проф д-р Кристина Николовска, започнувајќи од манистирскиот и археолошки комплекс Плаошник, продолжувајќи во култните Спомен-куќи на: Григор Прличев, Робевци, Христо Узунов и Уранија. Амбиентална настава ќе има во Манастирот Свети Наум, и во поетска Струга во Спомен-куќата на Браќата Миладинови. Програмата предвидува и културно-историски екскурзии, како што се: посета на старото градско јадро на Охрид, патување со брод до Свети Наум, екскурзија во Струга и Вевчани, и посета на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, соопштија организаторите.

На програмата се културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и курс по македонски народни ора. Од преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите, се планира публикување на два зборника: Зборник „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот. Зборнците ќе сдоржат и две „Песнарки“  со „Кажувачки“ наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности.

Како што е најавено, на 30 и 31 август ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, со чествување на јубиларите, великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Слоганот на 51. Меѓународна научна конференција „75 за 75“ е во знакот на 75 години јубилеј од основањето на УКИМ, а се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“. Годинава, на конференцијата ќа настапат 81 учесник, а на целокупната манифестација во Охрид, околу 150 македонисти ќе ја развивааат мисијата на македонистиката и Меѓународниот семинар. По конференцијата, ќе се објават и два зборника: Предавања од 57. Летна школа и Зборник од 51. Меѓународна научна конференција. Досега, на Летните школи учествувале над 4000 семинаристи македонисти од над 60 земји, а интересот за Летната школа и конференцијата е сè поголем.

Летната школа се организира со голема подршка од ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова и Ректоратот на УКИМ. Главен финансиски поддржувач на манифестацијата е Министерството за култура и туризам, а дел од програмските активности ќе се реализирааат и со поддршка од Општина Охрид, и со други поддржувачи.

-Македонистичкиот гордорек е градиозна мисија, со далекусежна визија, но и наш свет завет – македонистиката како наука да ја возвишиме на повисоко преку светска афирмација и третман на македонистиката како врвен национален интерес. Имаме прекрасна древна традиција, развиена наука и раскошна уметност, кои се прекрасно лице на нашата култура. Македонската култура е прекрасен изворник на врвни и драгоцени цивилизациските продобивки како што се: писменоста, просветата, науката, културата и уметноста, истакна директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.