Денеска започна снимањето на филмот „Живи и здрави“ по сценарио и во режија на Иван Мариновиќ, а во ко-продукција со македонскиот „Круг Филм“, информираат оттаму.
Филмот се снима во продукција на црногорскиот „Адриатик вестерн“ на Иван Мариновиќ, а во копродукција со Марија Стојановиќ од српската „Сенс продукција“, Дејан Крајчевски од
македонскиот „Круг филм“, Вероника Кухрова и Михал Крачмер од чешки „Аналог визија“, Анкица Јуриќ-Тилиќ од хрватската „Кинорама“ и Јожко Рутар од словенечкиот „Спок филм“.
Дел од актерската екипа е реномираниот македонски актер Никола Ристановски, а играат и Тијана Лазовиќ, Горан Славиќ, Момчило Пиќуриќ, Горан Богдан, Сњежана Шишков Синовчиќ, Дејан Ѓоновиќ, Мирјана Јоковиќ и Драгана Дабовиќ.
Автор на оригиналната музика за овој филм ќе ја работи нашиот истакнат музичар и композитор Тони Китановски.
Филмот ја раскажува приказната за Драгана (хрватската ѕвезда Тиjана Лазовиќ), идна невеста која вели дека не сака да се мажи, само два дена пред свадбата – иако се е подготвено и сите знаат за тоа. Лесо (ветеранот Момчило Пиќуриќ), безмилосниот патријарх на семејството на младоженецот (Горан Славиќ), има предлог за бунтовната невеста: помини ја крвавата свадба, одглуми ја, а потоа оди каде и да сакаш следниот ден. Таа се согласува. Сепак, навредениот младоженец се уште се надева дека таа ќе остане. Традиционалната свадба вклучува серија апсурдни настани, потопени во алкохол, пукотници и динамит, што ќе ги изнесе на виделина најлошите карактеристики на ликовите, велат од „Круг Филм“.
Проектот е поддржан од Филмскиот центар на Црна Гора, Филмскиот центар Србија, Чешкиот
филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC), Агенцијата за филм на Северна
Македонија, Словенечкиот филмски центар, Creative Europe MEDIA, SeeCinema Network, Eurimages, Порто Нови, Туристичката организација на Херцег Нови и општина Херцег Нови.
Снимањето ќе трае 33 дена, односно ќе заврши на 23 јуни, а ќе се одвива на локации во Црна Гора, во градовите Херцег Нови и Игало, како и на полуостровот Луштица.
Ова е втор филм на Мариновиќ. Неговиот дебитантски филм „Црната игла“ беше реализиран во
2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.