НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Струмица, заедно со Министерството за култура, започна со целосна санација на Спомен-костурницата во Струмица како приоритетен проект за тековната 2023 година.
Овој вреден примерок е дело на архитектот Благој Колев и е изграден од армиран бетон и целосно обложен со бел мермер.
Службите на Музејот од Струмица веќе ги завршија активностите за детално чистење на отпадоците од површината и вегетацијата, како и детално чистење на самиот споменик од поликолорот и графитите исцртани на мермерот. Во периодот што следува, продолжува санацијата и реконструкцијата на оштетениот мермер на површината на споменичната целина, како и хортикултурно уредување на Спомен-костурницата.
Спомен-костурницата во Струмица, со комплетната санација, ќе добие нов изглед и ќе стане место и простор каде што ќе се одржуваат различни културни манифестации, концерти, промоции и други активности во иднина.
Спомен-костурницата на паднатите борци од НОВ во Струмица е изградена на ридот Самораница, на 327 метри н. в., и се простира на површина од 1 509 м2. Изградбата започнала во 1979 година. Моштите на загинатите борци во НОВ со свечен чин биле пренесени и положени во саркофагот на 4.7.1982 година. Во саркофагот се наоѓаат посмртните останки на: Благој Јанков-Мучето, Герас Цунев, Сандо Масев, Васил Сурчев, Киро Абрашев, Иљо Шопов, Јанко Цветинов и Димитар Цветинов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.