Втор пат годинава, „Европското патувачко кино под отворено небо“ носи нови европски филмови со проекции на отворено за публиката низ земјата, овој пат во Валандово, Кичево и Штип.
Европското патувачко кино под отворено небо прикажува нови европски филмови, признаени од европската критика и сакани од европската публика, и секоја година овој филмски фестивал патува во три различни града низ земјата.
Годинава, фестивалот започнува во Валандово на 13 и 14 јуни пред салата „Јанко Узунов“, а потоа патува во живописното Китино кале во Кичево на 18 и 19 јуни, и завршува во Штип на 24 и 25 јуни на летната сцена на Младинскиот центар.
Европското патувачко кино под отворено небо, годинава прикажува 6 нови европски долгометражни филмови – повеќето од нив наградувани филмови, кои се израз на европската креативност и разноликост и нудат по нешто за сечиј вкус, како и 6 македонски кратки филмови, од кои некои се исто така наградувани на разни филмски фестивали, но и омилени меѓу домашните љубители на филмот.
Проекциите започнуваат во 20:30, а по проекциите ќе следат разговори со познатите филмски критичари Влатко Галевски, Златко Ѓелески и Јована Ѓорѓијоска, како и нивните гости, стручњаци за темите со кои се занимаваат филмовите.
Годинешната селекција на долгометражни филмови ги вклучува ЛАВКАТ (LOVECUT) (Австрија), СМЕНАТА (THE SHIFT) (Италија, Белгија), МАРЕ (MARE) (Швајцарија, Хрватска), НАДЕЖ (HOPE) (Норвешка, Шведска, Данска), АТЛАС (ATLAS) (Швајцарија, Белгија, Италија) и ВСЕЛЕНСКОТО МОМЧЕ (SPACE BOY) (Белгија).
Филмската селекција ги рефлектира современите теми што нѐ засегаат сите, но особено младите – од животот на тинејџерите и односите врз кои влијае интернетот, до насилниот екстремизам и тероризам, како и учеството на жените во кинематографијата, децата во науката итн.
Влезот на филмските проекции е бесплатен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.