„Пиши-бриши“ – работилница за креативно пишување за млади ќе се одржи на 5 и 6 мај во КСП Центар Јадро.
Во траење од два дена, менторки на работилницата за млади од 15 до 18 години ќе бидат книжевничките Марија Бошковска и Ивана Смилевска, а целта е учесниците да се впуштат во процесот на смислување, пишување и читање приказни, како и да го збогатат својот фонд на зборови и потечно да се изразуваат.
Сите заинтересирани треба да пополнат формулар за присуство, а рокот за пријавување е до 1 јуни.
„Од почетокот на времето, приказните се сведоштва за она што било, тие се поуки за она што треба да биде и повторлив обид да се зграпчи и замрзне недофатноста на сегашниот момент. Раскажувањето и создавањето приказни е неразделив дел од човековата природа. Тоа ни помага да споделиме информација, да креираме емоционални врски и реченица по реченица да ѕирнеме во мистеријата на постоењето. Приказните го менуваат човекот, а луѓето, еден по еден, го менуваат светот“, велат организаторите.
Оттаму дополнуваат дека работилницата е поделена на два дела, теоретски и практичен.
„Теоретскиот дел е фокусиран на откривање на тајните на пишувачкиот занает низ читање во кој младите учесници ќе се запознаат со почетоците на книжевноста, магичната моќ на приказните и растегливоста на јазикот. Вториот дел од работилницата е практичен, а младите низ вежби за креативно пишување ќе имаат прилика да создадат и осмислат своја приказна, користејќи ги откриените алатки од првиот дел на работилницата“, истакнуваат од КСП Центар Јадро.
Марија Бошковска е дипломирана компаратистка на катедрата за Општа и Компаративна книжевност. При нејзината работа како наставничка има стекнато искуство со онлајн предавања, преку кои е запознаена со предизвиците на дигиталното образование. Преку работата во издаваштвото и водењето на платформата за култура „Пиреј“, таа е запознаена со новите книжевни текови, состојбата на книжевноста и културата на ова поднебје. Има пишувано книжевни и филмски критики, интервјуа, анализи на популарната култура, бајки, академски и фикционални текстови, секогаш социјално ангажирани.
Ивана Смилевска е дипломирана компаратистка од катедрата за Општа и компаративна книжевност. Работи како новинарка, а пишува и проза. Во 2020 ја добива новинарската награда „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија која ја доделува ССНМ и Делегацијата на ЕУ. Во 2022 ја добива новинарската награда „Светилник на невидливите” која ја доделува Македонската платформа против сиромаштија. Истата година ја добива втората награда за најдобар краток расказ која ја доделува весникот „Нова Македонија”. Заинтересирана е за жанровските вкрстувања, сатира, фикција и мемиња. Смета дека пристапот кон книжевноста треба да ја има предвид дигитализацијата и новите зборовни форми, а веќе долго време го анализира политичкото во културата и ангажираната уметност. Пишува новинарски текстови од областа на образованието, културата и младите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.