В сабота, писателите на продолжение на Вонредното изборно собрание треба да изберат ново раководство и тела на Друштвото на писатели на Македонија, откако не успеа обидот лани во ноември зашто немаше кворум. Но, во околности на поделеност и конфронтации меѓу членството, сите кандидати, со исклучок на еден, ги повлекоа кандидатурите.Па, сега е неизвесно дали писателите ќе имаат мотив да дојдат и да гласаат на изборното собрание. Дополнителен проблем е и појавувањето на понов Статут на ДПМ, кој различно го читаат членовите.

Ќе имаат ли мотив раскараните писатели в сабота, на продолжението на Вонредното изборно собрание , да дојдат и да изберат ново раководство и тела на ДПМ ? Ова прашање се поставува откако неделава Блаже Миневски и Иван Антоновски -кандидати за претседател на Друштвото и за претседател на Собранието, ги повлекоа кандидатурите. На почеткот на јануари, истото го стори кандидатот за претседател на Собранието, Стефан Марковски, а пред Изборното собрание лани во ноември, кое  не успеа поради немање кворум, од трката за претседател на ДПМ се повлекоа Гоце Ристовски и Живко Грозданоски.

Непрочистениот избирачки список , ненавременото информирање на членството за продолжението на Изборното собрание , но и други фактори се причина за повлекување на кандидатурата, вели Миневски .

  • Поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на Вонредното собрание, и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на ДПМ, ја повлекувам мојата кандидатура, вели писателот Блаже Миневски.

А, Иван Антоновски ја повлече кандидатурата зашто во Централниот регистар е депониран Статут на ДПМ од 2011 година, според кој функцијата претседател на Собранието не постои.

  • По јавно достапните информации дека според важечката регулатива, позицијата претседател на Собранието на ДПМ, правно, воопшто и не постои, искрено, бев во дилема дали е потребно повлекување на кандидатура за правно непостоечка позиција, вели поетот Иван Антоновски.

Но, според членовите 25 и 27 од Статутот на ДПМ од 2011, функцијата претседател на Собранието постои и е споена со претседател на Управниот одбор . Претседателот во оставка , Петрески, смета дека ова е нелегитимна верзија на Статутот.

  • Никогаш не ми бил доставен, ниту сум го видел. Веројатно, станува збор за некоја работна, недовршена и нелегитимна верзија. Статутот по кој работи ДПМ е од 2009 година, вели претседателот во оставка, Христо Петрески.

За продолжението на Изборното соврание, остана само кандидатурата на Мирче Нешовски, за претседател на ДПМ.Членството веќе ги доби дневниот ред и Деловникот за работа.

Изборот на ново раководство се врши откако лани во октомври главнината од членството на Претседателството на ДПМ поднесе оставка, незадоволни од работата на претседателот Петрески.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.