Фестивалот на класична музика „Златна лира“ ќе биде отворен вечерва во 20 часот со концерт на „Пијано трио“ во Музејот на македонската борба во Скопје. На програмата ќе бидат: Г. Начевски – „Flashes“, компонирано за Пијано трио, Ф. Пуланк – Соната за обоа и пијано, К. Сен-Санс – Соната за фагот и пијано, М. Глинка – „Патетично трио“, Ж. Фрасе – Трио.
Составено од тројца извонредни музичари – Татијана Петрушевска Караскаковска, прва обоистка во оркестарот на Националната опера и балет, Марјан Милошевски, прв фаготист во истиот оркестар и професор на Факултетот за музичка уметност, и Петар Макариевски, пијанист и уметнички соработник на Факултетот за драмски уметности – овој камерен состав ги здружи своите креативни сили во 2014 година.
Како докажани и афирмирани уметници, сите тројца се водени од страста за истражување нови музички хоризонти и желбата за постојано збогатување на својот репертоар. Создавајќи ансамбл кој овозможува динамична уметничка соработка, тие го споделуваат верувањето дека камерната музика, без оглед на нејзината формација, е од суштинско значење за секој музичар. Таа отвора врати за размена на идеи, проширување на репертоарот и изведба на дела кои бараат интеракција со други инструменти, надминувајќи ја солистичката изведба.
Формацијата на овој ансамбл нуди огромна палета на репертоар од различни музички епохи, чии дела претставуваат вистински предизвик за изведба и бараат виртуозност и уметничка зрелост. Композитори како Хенрих Брод, Теобалд Лалие, Карл Фридеман, Волфганг Амадеус Моцарт, Франсис Пуланк, Георг Фридрих Хендл, Антонио Вивалди, Антон Рајхенауер, Лудвиг ван Бетовен и Михаил Глинка се само дел од имињата на нивниот репертоар, кој постојано се обновува со нови и возбудливи дела.
Нивниот прв јавен настап се случи на концертот и промоцијата на цедето во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје, а по тој успех следуваа концерти во различни градови низ Македонија, како Демир Капија, Куманово, Виница, Крушево, Прилеп, Гевгелија, Берово, Делчево и Кочани, како и во Нови Сад. На нивните концерти, секогаш имаат место за дела што премиерно се изведуваат во Македонија, а нивната посветеност и умешност секогаш будат искрено воодушевување кај публиката.
Во 2022 година, македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов компонираа дела специјално за Триото, кои ја доживеаја својата светска премиера на Фестивалот на камерна музика во Нови Сад, по повод титулата на градот како Европска престолнина на културата за 2022 година. Истата година, триото се претстави со рецитална програма на фестивалот „Есенски музички свечености“, изведувајќи дела од глобалната музичка литература.
Во 2023 година, македонските композитори Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои нови дела на Триото, кои доживеаја светска премиера на ДММ 2023. Во јули истата година, триото настапи со целовечерен концерт на престижниот фестивал „Охридско Лето“, а во септември, во Македонскиот културен центар во Истанбул, одржаа целовечерен концерт со дела од македонски композитори.
Она што го прави ова трио посебно се нивниот префинет и истовремено моќен звук, длабоката интеракција меѓу музичарите, врвната прецизност во изведбата и извонредната индивидуалност и виртуозност на секој од нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.