Београдско драмско позориште годинава на РУТА доаѓа со претставата „Швејк“ работена по сатиричниот роман на чешкиот писател Јарослав Хашек. Режисер е Вељко Миќуновиќ, а улогите ги толкуваат актерите Озрен Грабариќ, Милутин Милошевиќ, Милутин Дапчевиќ, Милош Лазаров, Наташа Марковиќ, Бојана Стојковиќ, Ива Илинчиќ, Ивана Николиќ и Ивана Вукмировиќ.
„Доживувања на добриот војник Швејк во светската војна“ е незавршениот сатиричен роман на чешкиот писател Јарослав Хашек, издаден во 1923 година. Писателот планирал делото да се состои од шест дела, но завршил само четири. Во 1923 година починал од срцев удар. Четирите дела се објавени во една книга.
Содржината на романот зборува за чешкиот ветеран Јозеф Швејк и неговите доживувања во армијата. Приказната започнува со атентатот во Сараево, кој му претходи на почетокот на Првата светска војна. Швејк е толку возбуден што ќе ѝ служи на својата држава во војната, што никој не може со сигурност да утврди дали е тој имбецил или вешт саботер на Австроунгарската армија.
По изведбата на претставата ќе се одржи тркалезна маса на која публиката ќе има прилика да разговара со ансамблот на Београдско драмско позориште.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.