Новиот Деловник за работа на Изборното собрание на ДПМ беше донесен во мај 2022 година и првпат беше воведена жрепката и јавното броење на гласовите, вели во своето писмено јавно обраќање Христо Петрески до членовите на ДПМ и до јавноста,
Тоа беше моја идеја како тогашен претседател на Собранието на ДПМ, а за што се залагаше и тогашната претседателка на ДПМ Соња Стојменска – Елзесер, но тоа го прифатија и одобрија и сите други членови на Претседателството на ДПМ. Значи, ниту јас сакав да бидам избран на недемократски начин, ниту Стојменска-Елзесер и сите други членови на Претседателството сакаа да има било каква дамка при изборниот процес. Така треба да биде и годинава, бидејќи минатата година Изборното собрание траеше малку подолго, но се одвиваше на најдемократски и најтранспарентен начин.
Исто така, минатата година јас како претседател на Собранието благовремено го доставив и беше објавен Дневниот ред за Изборното собрание и од неговото објавување поминаа предвидените 45 дена според Статутот. Така треба да биде и годинава за да бидат информирани сите членови на ДПМ и да има време да се поднесат и разгледаат сите кандидатури и добро да се подготви вонредното Изборно собрание.
Средства за патни трошоци на сметката на ДПМ има. Сите членови од внатрешноста на Републиката кои ќе присуствуваат на вонредното Изборно собрание ќе ги добијат тие средства на своите сметки веднаш по завршувањето на Собранието.
Лично и јас и техничките секретари во изминатиот период се трудевме да имаме точни мејлови, телефонски броеви и адреси од членовите на ДПМ, но за жал до денес тој список не е конечен и дефинитивен, исто како и списокот на членови на ДПМ, каде имаше голем број починати членови, па дури и еден непримен а запишан член. Затоа, ги молам сите членови на ДПМ внимателно да го разгледаат списокот на членовите на ДПМ (објавен е на страницата www.dpm-pisateli.mk) и да укажат на сите пропусти во него. Списокот на членовите е најбитниот и за самиот изборен процес, зашто мора да гласаат најмалку третина членови според тој Список за Изборното собрание да биде легитимно.
Исто така, бидејќи не сум правник, а меѓу членовите на ДПМ има и правници, Ве молам да се изјасните кога точно треба да се одржи вонредното Изборно собрание, поради 45-те дена предвидени во Статутот од денот на закажувањето на Собранието и повикот за доставување кандидатури и нивно разгледување, за да биде изборниот процес законски валиден, легален, демократски и транспарентен.
Благодарам за сите добронамерни укажувања и залагања и јавно изјавувам дека во иднина треба да се донесе и нов Статут, каде јасно ќе се прецизира прашањето како да се постапува при евентуален случај на оставки во Претседателството, како што беше случај неодамна, мандатот на раководствата (кој порано беше две со можност за уште две години), а сега е четири години со можност за уште четири години, што е според мене предолг период.
Има и други нерешени дилеми и прашања, но сега е најбитно да се избере ново Раководство, кое тековно ќе ги разрешува тие и евентуално другите нови прашања.
Иако поднесов оставка, како се уште актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија, сакам да Ве замолам за повеќе трпение, почит и достоинство кон Друштвото и кон сите негови членови. Се согласувам со барањата и укажувањата на Ивица Челиковиќ, Венко Андоновски, Зоран Пејковски, Мишел Павловски и другите.
Вчера техничката секретарка Лидија Размоска Тримовска се откажа од своето работно место во ДПМ поради притисоци. Јас сум во секојдневен контакт со претседателката на Собранието Кристина Николовска и помагам колку што знам и можам и се надевам дека барем таа ќе издржи до вонредното Изборно собрание.
А, Живко Гроздановски очигледно ја отвори Пандорината кутија, па излегоа на видело и на површината бројни аномалии од минатото, кога се примале некои членови усмено, без запазување на процедурата и знаење на Претседателството, па во списокот на членовите имаше и такви кои воопшто не биле примени. Но, тоа е минато и не може и не треба да се прави ревизија на членството. До мене како прв човек на ДПМ стигнуваа повеќе барања и тоа од највидни членови на Друштвото да се направи ревизија на членството, но јас тоа категорички го одбивав, зашто сите членови се рамноправни и не прифаќам никакви поделби на писатели и неписатели, млади и стари, писатели со титули и без титули, од Скопје и внатрешноста и слично.
Во ДПМ има бројни проблеми, а најголемиот е што Друштвото се уште, по 76 години постоење, нема имотен лист за просториите кои ги користи. Јас лично ја започнав таа процедура и речиси стигнав до самиот крај, но поради оставките на членовите на Претседателството и самиот дадов оставка.
Апелирам да престанат јавните и заткулисни притисоци, закани и уцени, поради кои и самиот поднесов оставка, зашто не се работи под притисоци, закани и уцени.
Секојдневно ми се јавуваат бројни членови кои изјавуваат дека во вакви тензични услови немаат намера ни да присуствуваат ни да гласаат на претстојното вонредно Изборно собрание. Не смее да се дозволи понатамошен антагонизам, цепење и делење на членството, поради што некои членови и не се кандидираат за раководните функции. Ако вака се продолжи – не сакам да верувам во најлошото сценарио, а тоа е распаѓање на постоечкото Друштво и негово повторно конституирање. Во Статутот има предвидено и таква клаузула – поранешните претседатели да реагираат во таков случај и да не дозволат тоа да се случи.
А, сега апелирам за толеранција, разумност и смиреност за да се запазат сите законски рокови и процедури.
Со поздрав, почит и благодарност,
Христо Петрески, актуелен претседател на ДПМ во оставка
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.