Изложба на дела од ликовниот уметник Гоце Божурски беше отворена синоќа во Музеј галерија Кавадарци. На изложбата присуствуваа германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и пратеничката Даниела Колева.

Во своето обраќање амбасадорката Дрекслер рече дека Кавадарци не е само град на виното, туку и град на културата.

Уметноста сите нас не прави посилни и тука може да се почувствува таа уметничка енергија, нагласи амбасадорката Дрекслер.

Настанот беше во рамки на 27-та ликовна колонија „Михајлово – Кавадарци 2023“, што ја организира Домот на култура „Иван Мазов – Климе“, со поддршка на Министерството за култура и локалната самоуправа.

Кураторот на колонијата Владимир Темков се осврна на големиот квалитет на оваа културна манифестација и за нејзиното значење.

Директорката на културниот дом Јулијана Туриманџова потсети дека на неколкудневната меѓународна колонија учествуваат 25 уметници, што творат во прекрасна природа во вила „Моклиште“. Таа додаде дека како и секоја година, традиционално, продолжува соработката со Музеј галерија, за организирање на изложба во рамки на ликовната колонија.

Во својата работа Гоце посвети најголем дел од своето внимание на истражување на различни системи, во нивните посебни односи со различни видови визуелни уметности. Системот го претставува единството на различноста на множеството елементи кои се комбинирани во една целина, рече Туриманџова.

Трајче Цветков, виш кустос во Музеј галеријата нагласи дека Божурски е уметник од висок ранг кој можеби и не припаѓа во класичните шеми и гради негов посебен стил, беспрекорна целина на еден носталгичен реализам.

Неговиот ликовен јазик истовремено е хиперреалистичен, асоцијативен и апстрактен. За Клетников, уметноста на Божурски е толку лирска, апсолутно блиска до поезијата. Не само што е успешен ликовен уметник кој досега има реализирано стотина самостојни и групни изложби, добитник на десетина национални и меѓународни награди, Гоце Божурски е и ликовен теоретичар, рече Цветков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.