Танцовиот перформанс „Јас сум ти“ во кореографија и изведба на Искра Шукарова и Тереза Лазарев ќе биде премиерно изведен во сабота (29 април), кога е меѓународниот ден на танцот и недела (30 април) во КСП Центар Јадро.
„Преку интимен дијалог Искра Шукарова и Тереза Лазарев истражуваат како танцот и гласот можат да коегзистираат заедно. Тие се стремат да откријат начини како двата ентитети можат да функционираат заедно, каде што едното нема да го надвладее другото. Истражувајќи го внатрешниот ритам тие го користат гласот кои ги трансформира нивните движења. Тие градат телесни релации помеѓу себе и ‘другиот’ користејќи го гласот како медиум за израз“, се вели во описот.
Изведбите ќе започнат во 20 часот и се во времетраење од 30 минути. Од КСП Центар Јадро информираат дека бројот на места е ограничен, па сите заинтересирани треба претходно да го резервираат својот билет со пополнување на овој формулар.
Како што пишува во најавата, Шукарова и Лазарев во полето на современиот танц припаѓаат на две генерации.
„Шукарова како еден од пионерите на современиот танц кај нас, а Лазарев е млад автор и изведувач. Тие во овој проект се наоѓаат со цел да развијат танцов вокабулар кој соодветствува со нивниот интерес истражувајќи во насока тело-глас со што воедно делото добива и интергенерациски контекст (два гласа – две генерации). Како дел од процесот истражуваат контакт помеѓу сопствените тела но и телото на ‘другиот’“, се вели во најавата за претставата.
“ го користам гласот за да зборувам со тебе,
го користам гласот за да дишам.
со секој здив станувам пожива,
со секој здив јас сум побудна.”
Костимите се на Илина Ангеловска, а фотографиите на Дарко Стојановски. Јасмина Билаловиќ е надворешен соработник, а поддршка во припремите обезбедиле Балетското студио „Арт Балет“. Претставата е поддржана и од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.