Претседателот Стево Пендаровски, како покровител на фестивалот „Охридско лето“ денеска се сретна со Наташа Поповиќ, директорката на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата.

Како што се наведува во соопштението што по повод средбата го објави „Охридско лето“, Поповиќ заедно со селекторките на музичката и драмската фестивалска програма, Бисера Чадловска и Сања Арсовска, го информирале претседателот за идните активности на Установата, како и за програмата на годинешното, 63-то по ред, фестивалско издание.

-Годинешното фестивалско издание ќе понуди врвни концерти и театарски претстави…И оваа година Фестивалот, благодарение на поддршката што ја има од покровителот Пендаровски, со врвни уметници пред јавноста ќе се претстави како голема културна манифестација која од година во година го потврдува и надградува  високо-квалитетното уметничко ниво, изјави Поповиќ.

Реномираниот меѓународен фестивал „Охридско лето” е основан во 1961 година и се одржува секоја година во периодот од 12-ти јули до 20-ти август во Охрид, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, а со финансиска поддршка од Министерството за култура, локалната самоуправа, како и бројни спонзори и донатори.

Од 1994 година „Охридско лето“ е член на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) која повеќе од седум децении обединува 200 фестивали и фестивалски асоцијации од 40 земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.