Во рамките на „Европските денови на наследството 2024“, „Storytelling Skopje“, во партнерство со ХАЕМУС, ќе се одржи еден невообичаен настан, вистинска авантура, која буквално пред очите на посетителите ќе го оживее наследството од средновековниот период на Скопје. Авантурата ќе ги врати посетителите директно во 14 век, воведувајќи ги во животот и времето на кралицата Марија Палеологова и нејзиното пристигнување во кралскиот двор во Скопје.

Ова „игрифицирано“ искуство, како и сѐ друго во рамките на „Storytelling Skopje“, е исполнето со мистерија, загатки и со разни потраги, кои се случуваат на скопското Кале, правејќи ја историјата жива, на забавен и интерактивен начин, за сите возрасти. За комплетно уживање, на крајот од авантурата ќе следува VR (виртуелно) искуство во остатоците од средновековната палата на скопското Кале, каде што секој ќе може да стави VR-очила и, низ видеоигра, да се движи низ реконструираната палата и да решава загатки за да може да го пронајде тајниот предмет што ѝ припаѓал на средновековната владетелка Марија Палеологова.

Креатор на оваа авантура е м-р Василка Димитровска, археолог, сертифициран тренер за интерпретација на наследството, креативен директор на ХАЕМУС и сопственик на едукативната интерпретациска програма „Storytelling Skopje“.

Поради техничка ограниченост на опремата за VR (виртуелна) реалност, со која управува ХАЕМУС, ќе бидат пуштени само 10 влезници по промотивна цена од 1.200 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.