Првиот дел од годинашното Патувачко кино на Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ ги опфати градот Свети Николе и три села што се наоѓаат во неговата близина. Изминативе денови се одржаа проекции на креативни документарни филмови под отворено небо во Свети Николе, на 8 септември, с. Горобинци (9 септември), Ерџелија (10 септември) и Мустафино (11 септември) во светиниколскиот реон. Еден од новитетите на Патувачкото кино годинава беше предпроекцијата, која се одржа на 26 август покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“.
На досегашните проекции на Патувачкото кино во сите посетени места имаше околу 180 гледачи, локално население кое досега немало можност да присуствува на филмска проекција во нивното село. Дел од програмата на Патувачкото кино беше направена по избор на мештаните.
– „МакеДокс“ секогаш ги има предвид желбите на локалното население и со взаемна комуникација програмата ја прилагодува на нивните интереси. Секогаш издвојуваме простор и за најмладите генерации со проекција на филмови од Програмата за деца и младинци, што се прикажува во рамките на фестивалот „МакеДокс“, бидејќи младите се најбројни посетители на проекциите на Патувачкото кино – објасни Бранд Ферро, извршен продуцент на Патувачкото кино.
Вториот дел од 14-тото Патувачко кино на „МакеДокс“ ќе се одржи во велешкиот регион со проекции во с. Чашка на 14 септември, проекцијата во село Теово на 15 септември ќе биде проследена со музичка промоција, на 16 септември Патувачкото кино ќе биде во с. Богомила и на 17 септември ќе има проекција во селото Горно Оризари. Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен.
Вториот новитет на Патувачкото кино е што пред филмската проекција во селото Теово на 15 септември ќе биде промовиран музичкиот албум „Вознесено“ (Ascend) на бардот на македонската и екс-Ју музичката сцена Горан Таневски, поранешен вокал на култната група „Мизар“. Покрај промоцијата на албумот ќе има и проекција на спотови направени за песни од албумот.
Во фокус на Патувачкото кино од оваа година е собирањето на мемориска граѓа од постарите жители во посетените села. Со таква цел екипата на Патувачкото кино се сретна со дедо Дане Наумов, 85-годишен клисар во манастирот „Света Богородица“ во селото Ѓуриште. Дедо Дане пред камерата ги сподели своите животни искуства и екипата на Патувачкото кино ја запозна со лековитото дрво – стар даб. Патувачкото кино и во следните села ќе открива интересни и досега неслушнати приказни.
Покрај проекцијата на креативни документарни филмови во рурални средини, организирањето на Патувачкото кино е дел од пошироката рамка на децентрализација на културата низ целата држава. Реализацијата на Патувачкото кино е поддржана од Агенцијата за филм на РСМ и од „МакеДокс“.
Во прилог ви испраќаме фотографии од 14. Патувачко кино на „МакеДокс“ во Свети Николе, Горобинци, Ерџелија и Мустафино, како и фотографија од дедо Дане, клисар во Ѓуришкиот манастир.
Автор на фотографиите е Сашо Алушевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.