На Меѓународниот ден на борба против гладта, во спомен на сите гладни убиени души во логорите на смртта и концентрационите логори, синоќа, во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, свечано беше отворена изложбата „Мириса на пандишпан“ – сефардската кујна на Евреите од Македонија од населување до денес. Авторка на изложбата е Жаклина Мучева.

Фото: Фејсбук профил на Фонд на холокаустот/Маја Јаневска Илиева

Името на изложбата „Мириса на пандишпан“ е симболична влезница за приказната која ја раскажува дека Евреите, кога се населиле на територијата на Османлиската империја со себе го зеле лебот од Шпанија, „пан ди Спања“ или модифицирано – ‘пандишапан’, термин, кој домаќинките од различни етнички заедници го одомаќиниле за тестото кое го користеле и го користат за разни колачи и торти. И уште нешто за пандишпанот, тој во рерната расте поради добро измаените јајца, кажа вчера авторкатата на изложбата Мучева.

Жаклина Мучева / Фото: Фејсбук профил на Фонд на холокаустот/Маја Јаневска Илиева

Изложба покажува што јаделе Евреите во минатото, што јадат во денешно време и зошто.

На отворањето на присутните им се обрати главниот извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо. Тој говореше за историското минато на сефардите и нивното прилагодување во многу сегменти во секојдневието.

Тие не само што го зачувавале својот културен идентитет, туку и ја адаптирале храната што веќе ја знаеле и сакале, трансформирајки ја сефардската кујна во мозаик од вкусови, комбинирајќи ги вкусовите од Шпанија со вкусовите на земјите каде се населиле и пуштиле корен, вклучувајќи ја и Македонија, кажа Садикаријо.

Мучева говореше за содржината и елементите кои ја сочинуваат концепцијата на „Мириса на пандишпан“.

Фото: Фејсбук профил на Фонд на холокаустот/Маја Јаневска Илиева

На паноата ќе прочитате за празниците и ќе научите по еден традиционален рецепт за соодветниот празник. Со задоволство ви го презентираме празникот Пасха или Песах преку сервираната маса за седер вечерата. На масата освен специфичната храна само за тој празник, изложени се и пропратните сегменти за празничната трпеза (прибор за јадење, чаршафи, чаши за вино, мацес – бесквасен леб, Хагада – книга која се чита на седер вечерата). Неизоставни елементи за празникот Шабат се поставени на старо масиче кое го користеле нашите предци. Сочуваните тетратки со сефардски рецепти, предмети од кујните и домаќинствата на семејствата од Еврејската заедница во Македонија се големото богатство на оваа изложба“ – кажа Мучева, која се заблагодари на сите кои учествувале во подготовката на изложбата, особено на женската секција од Еврејската заедница на Македонија, кои помогнале во изработката на храната која беше послужена на изложбата.

Фото: Фејсбук профил на Фонд на холокаустот/Маја Јаневска Илиева

Изложбата ќе трае до 25 декември годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.