Со проекција на филмот „Вратената“ на Џузепе Бонито, снимен според роман којшто е преведен и на македонски јазик, синоќа, во скопското кино „Милениум“ се отвори 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.
Имате уникатна можност да патувате преку магијата на филмот, да ги изразите вашите идеи и да го споделите со вашите блиски она што ќе го искусите и научите тука. Не престанувајте да сонувате, оти соништата се остваруваат. Пред сѐ, забавувајте се – им порача синоќа на младите Џифонци Андреа Силвестри, амбасадорот на Република Италија на отворањето во киното „Милениум“.
Среќни сме што сме во полн капацитет, имаме убава програма, а сето тоа е возможно благодарение на нашите бројни институционални и приватни поддржувачи. Но, главната поддршка доаѓа од вас, младите. Дружете се и многу добро да се забавувате – им порача на џифонци, Дарко Башески, директор на фестивалот.
Програмскиот директор на фестивалот, Деа Крстевска ја издвои новината на фестивалот годинава, а тоа е програмскиот сегмент ЕПИК, што е поддржан од Министерството за надворешни работи на Италија.
Утрово стотици средношколци се упатија кон Младинскиот културен центар, каде што им започнува програмата. Ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе ги започнат своите работилници, а во 17 часот ќе следува средба со тимот на популарните Filmthusiast.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.