Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе се обрати на манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. На манифестацијата ќе бидат промовирани најновите изданија на Институтот.

Како што најавија од Институтот, обраќања ќе имаат директорка на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, министерка за образование и наука Весна Јаневска и академик Катица Ќулавкова.

По тој повод, се организира манифестацијата „Отворени денови на Институтот“, која ќе се одржи од 14 до 18 октомври 2024 година. Оваа манифестација ќе биде можност да се одбележат овие важни настани, да се продлабочи свеста за нивното значење и да се потсетиме на делото и визијата на Крсте Мисирков, како и на важноста на македонскиот јазик како основа на нашата културна и национална самобитност.

Крсте Петков Мисирков, роден во 1874 година, остави длабока трага во македонската историја и јазична култура. Тој е автор на делото „За македонцките работи“, објавено во 1903 година, кое претставува клучен момент за афирмацијата на македонскиот јазик и неговото писмо. Мисирков беше вистински визионер кој јасно го согледа значењето на јазикот за националниот идентитет и културната автономија на македонскиот народ. Неговите идеи за создавање единствен македонски литературен јазик и неговата борба за негово признавање претставуваат темели на македонската јазична норма што и денес ја користиме.

Со неговата идеја за стандардизација и кодификација на македонскиот јазик, Мисирков го постави патот за она што се случи речиси 40 години по неговата смрт, кога на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година македонскиот јазик конечно беше кодифициран.

На Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), одржано на 2 август 1944 година, беше донесена одлука за признавање и кодификација на македонскиот јазик како официјален јазик на новата македонска држава. Овој настан го означи почетокот на официјалната употреба на македонскиот јазик во државните институции, образованието и културата, и беше клучен момент за националната еманципација на македонскиот народ.

Кодификацијата на македонскиот јазик го обедини македонскиот народ околу јазикот како симбол на нивниот идентитет и културен интегритет. Оваа одлука претставува крунисување на вековната борба за јазично и културно признавање, започната уште од времето на Крсте Мисирков и продолжена преку генерациите кои се бореа за јазичните и националните права на македонскиот народ.

Со цел достојно да се одбележат овие значајни јубилеи, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ организира повеќедневна манифестација која ќе вклучува научни предавања, дискусии, работилници и културни настани. Во текот на „Отворените денови на Институтот“ ќе се организираат активности за промовирање на значењето на македонскиот јазик, неговото развивање и зачувување, како и честување на наследството оставено од Крсте Мисирков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.