По повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените фондацијата World Press Photo и Кралството Холандија претставуваат избор на приказни, наградени на конкурсите на World Press Photo од 2000 до 2021 година, кои ја истакнуваат отпорноста и предизвиците на жените, девојките и заедниците ширум светот.

Изложбата ќе биде поставена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ од 25.11.2022 до 11.12.2022

Отворањето на изложбата е на 25 ноември (петок) во 20 часот.

Изложбата ќе ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а ќе се обрати и Холандскиот амбасадор Н.Е. Дирк Јан Коп.

Во рамките на изложбата кураторката од фондацијата World Press Photo, Марика Цукровски ќе одржи предавање во Кинотеката на Македонија в сабота, 26.11.2022, во 11 часот. Предавањето е наменето за сите љубители на фотографијата, а влезот е слободен.

Исто така од 21.11 – 07.12. 2022 Македонскиот центар за фотографија организира фотоработилница за документарна фотографија на тема „Човекови права” на која учествуваат 11 студенти по фотографија.

Изложбата е организирана од страна на Македонскиот центар за фотографија во партнерство со Националната галерија, а финансиски поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија.

За изложбата:

Родовата еднаквост и правдата се основно човеково право од клучно значење за поддршка на кохезијата на едно општество. Сепак, жените ширум светот се соочуваат со длабоко вкоренета нееднаквост и сè уште се недоволно застапени во политичките и економските сфери. Во 2021 година жените во светот претставуваа само 26,1% од околу 35.500 места во парламентот, само 22,6% од над 3.400 министри и 27% од сите раководни позиции. Насилството врз жените се наметнува како сериозен глобален проблем за нивното здравје и сигурност. Во просек, една од три жени ќе доживее физичка или сексуална злоупотреба во текот на својот живот.

Оваа заедничка изложба ја афирмира посветеноста на Холандија на правата на жените и родовата еднаквост и правда. Повеќе гласови, документирани од 17 фотографи од 13 различни националности, нудат увид во прашања како што се сексизмот, родовото насилство, репродуктивните права и пристапот до еднакви можности. Изборот на приказни истражува како женските и родовите прашања во 21 век еволуирале и како фоторепортерството ги менувало начините на кои тие се прикажуваат.

Наоѓајќи ја слободата во водата од Ана Бојазис, ја споделува приказната за учениците од основното училиште Киџини кои учат да пливаат и да спасуваат давеници во Индискиот Океан, во близина на плажата Мујуни, Занзибар. Традиционално, девојките од архипелагот Занзибар не се поттикнуваат да научат да пливаат, најмногу поради немање пристојни костими за капење. Во северниот дел на Занзибар, проектот Пање ги учи локалните жени и девојчиња да пливаат во обид да се намалат високите стапки на давење. Обезбедени се скромни костими за капење. Освен што проектот го предизвика патријархалниот систем, тој воспостави и одржлив циклус оспособувајќи ги ученичките да обучуваат и други.

Плач за слобода од Фору Алаеи ги документира навивачките на кои им е забранет влез на фудбалските стадиони во Иран. Во јуни 2018 година, под притисок на ФИФА, се донесе одлука со која се дозволува стадионот Азади во Техеран да прима ограничени групи на жени, но сè уште им е забрането присуството на повеќето натпревари. Ризикувајќи апсење, навивачките се маскираат во мажи за да влезат на стадионите и да се залагаат за правата на жените. Додека работела на оваа приказна, фотографката се облекла како маж за да влезе на стадион со друга навивачка.

Ветувањето од Ирина Вернинг ја следи Антонела (12), која живее во Буенос Аирес, Аргентина. Во август 2020 година Антонела вети дека ќе ја скрати својата долга коса само кога ќе може да продолжи со часовите во живо на училиште, кое беше прекинато како резултат на пандемијата Ковид-19. Антонела рече дека го нуди своето најскапоцено богатство во замена за враќање на училишниот живот. Нејзината коса беше нејзиниот идентитет. Таа рече: „Кога конечно ќе се вратам на училиште, тие ќе знаат дека сум друга личност, се чувствувам како друга личност“. Таа ја скрати косата на 25 септември 2021 година, викендот пред да се врати на наставата.

Други фотографи кои се застапени на оваа изложба се: Финбар О’Рајли, Маика Елан, Каталина Мартин-Чико, Пабло Тоско, Оливија Харис, Терел Грогинс, Џонатан Бахман, Хеба Камис, Даниел Берехулак, Робин Хамонд, Дијана Маркосијан, Јан Граруп, Магнус Венман, и Фулвио Бугани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.