Досега непознати два портрета на светски познатиот сликар Рембрант се откриени по 200 години, во приватна колекција на едно британско семејство. Според лондонската аукциска куќа „Кристи“, стручњаците наишле на сликите на холандскиот уметник при „рутинска проценка“ на сликарската колекција.
Не знаев што ќе најдам… Се осмелив да сонувам. Но, за мене беше изненадувачки што овие слики никогаш порано не биле проучувани. Тие беа целосно отсутни од литературата за Рембрант, забележа проценителот Хенри Патифер.
Автентичноста на сликите е потврдена и во аукциската куќа и во Ријксмузејот – уметничкиот музеј во Амстердам, Холандија, каде што се специјализирани за делото на Рембрант. Забележано е дека сликите прикажуваат двојка „семејно поврзана со уметникот“ – Јан Вилемс ван дер Плуим и неговата сопруга Јапген Карелс.
„Кристи“ ќе ги понуди портретите на наддавање во Лондон во јули. Пред тоа ќе бидат прикажани во Њујорк и Амстердам. Проценетата вредност на двете слики, засега е 5 – 8 милиони фунти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.