Со промоција на колекцијата од дваесет и два романа на Божин Павловски деновиве во Скопје се одбележаа два јубилеја – 80 години од раѓањето и 60 години од плодното творештво на писателот, интелектуалецот, академикот, кој животот го помина на релација Македонија-Австралија. „Промовираме обемен и високо вреднуван книжевен опус од 22 тома во издание на Македонската академија на науките и уметностите и издавачката куќа ‘Матица македонска’ на Божин Павловски кој во далечната 1962 на 20-годишна возраст победи на конкурс за најдобар расказ чиј претседател на жирито беше Гане Тодоровски“, со овие зборови актерката Арна Шијак деновиве во „Матица ексклузив“ ја отвори промоцијата на која душата на присутните ја разнежија звуците на македонскиот мелос од тамбурата на Драган Даутовски и обоата на Васил Атанасов.
Пред присутните се обрати академик Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ кој ја истакна повеќедецениската општествена и значајна културна мисија на Божин Павловски за нашата земја. „Живееме во бурни времиња, а Македонија е ‘во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа’ (Петре М. Андреевски), а јас би додал и во неа. Како да опстоиме во такви времиња? Како македонска Македонија да не изчезне?“, праша Коцарев и посочи на трите концепти за време (линеарното, субјективното и универзалното) кои ги разликувале Античките Грци, а кои се поврзани со трите божества: Кронос, Каирос и Ајон. „Во однос на Ајон, во однос на вечноста што е резервирана за боговите, предлагам, поради тоа што сме толку мали и минливи, вечноста за Македонија да се отелотвори во уметничкиот универзум, оти духовната и уметничката светлина во ‘вечната темнина ни се гаси, ниту светлост губи’. Токму тоа веќе 60 години успешно го прави академик Павловски. Неговото монументално дело – дваесет и двата романи што ги промовираме сведочат за неговиот обид да се спротивстави на разнебитувањето на Македонија и исчезнувањето на Македонците“, рече Коцарев.
За богатиот романескен опус на Павловски, пак, говореше нашиот врвен романсиер и есеист Гоце Смилевски. Цитирајќи ја критиката, толкувачите, теоретичарите и познавачите на делото на Божин Павловски, Смилевски ги посочи големите македонски дејци Гане Тодоровски, Милан Ѓурчинов, Матеја Матевски кои неговото книжевното творештво го оцениле највисоко. „Која е тајната на тој опус? Во суштината на сите романи од сите времиња – е тајната, енигмата на човековото јас. Имено нејзиното разгатнување, обликување во форма на роман, како пренесување низ романескната стварност на човековата егзистенција. Божин Павловски од самите почетоци многу јасно низ своите дела ја опфаќа нашата овдешна и нашата прекуокеанска судбина и егзистенција. Тоа е негова почетна точка, но и до која се држи и во текот на целиот свој творечки пат. Тоа патешествие, тоа номадство, во исто време и скитање, потрага и по друга земја понекогаш, и по самиот себе секогаш. Таа потрага многу јасно ја има дефинирано и Влада Урошевиќ во своите толкувања: овие два елемента ги посочува како кардинални за неговиот опус. Имено дека неговите ликови се од една страна втурнати во она што е другаде низ просторот, а во исто време задлабочени во една потрага по самите себе. И кај нив секогаш се јавува едно прашање, а тоа е: Како да се живее?“, посочи Смилевски истакнувајќи на разнородните теми кои се среќаваат низ творештвото на Павловски. „Тие можат да се групираат во неколку целини. Основната тема на неговото творештво е темата на дијаспората, на расејувањето, втората, пак, е свртеноста кон минатото (пред Балканските војни, Информбирото, Македонците од Егејскиот дел на Македонија, како и темата на социјалниот живот на тоа да се остане овде или да се замине, на идеалите и на нивното рушење, на илузиите и на нивното исчезнување), додека третата се однесува на политичките промени и превирања што се случуваат кај нас кон крајот на 80-те години на минатиот век, првата транзиција, трагичната 2001 и сето она што понатаму се случува и овде и во глобални рамки“, додаде Смилевски посочувајќи дека Божин Павловски е првиот кај нас кој говорел за глобалните процеси, за демократијата и лажната демократија, за настапувањето на либералниот капитализам, за неговите позитивни и погубни страни.
Како што заклучи Гоце Смилевски понатаму во своето излагање, централна оска во творештвото на Павловски е поврзувањето на две и повеќе културни средини, на два и повеќе простори. „Божин Павловски е еден од оние автори кои успеале тие два центра на својот свет, Македонија и Австралија да ги обединат во себе, да постојат како една и единствена точка на универзумот и да пишува од таа точка, и да пишува за такви ликови кои или успеале во доближувањето на тие две точки на постоењето, или живеат во еден перманентен, постојан раздор, во една трајна шизма, во еден животен напор, подвиг тие две нешта, колку и неуспешно, да се допрат“, додаде Смилевски посочувајќи дека оттука потекнува моќта на Павловски да ги погледне културите, секоја пооделно и секоја заедно, што е успех на транснационалните писатели. „Неговите ликови имаат космополитска димензија, тие се одовде, тие тргнуваат од македонските села и градови, и стигнуваат најисточно до Австралија и најзападно до Америка“, рече Смилевски истакнувајќи дека на опусот на Божин Павловски треба да се гледа со благодарност бидејќи претставува силна културна меморија кој останува за сите кои ќе дојдат по нас. „’Борбата на човекот против власта е борба на сеќавањето против заборавот’ преку мислата на Милан Кундера го гледам сега, со оваа свест, опусот на Божин Павловски. Затоа што првото нешто што власта ќе го направи против човекот, против својот народ е токму бришење на историјата“, истакна Гоце Смилевски посочувајќи на тоа ретуширање на фотографиите, бришење на историските личности. „Но книжевноста не може да биде избришана, дури и да биде исфрлена од библиотеките. Она што историографијата ќе го заборави, избрише, макар и за момент, тоа е она што литературата ќе го запомни. Тоа е она што го помни опусот на Божин Павловски“, заврши Смилевски.
Академик Божин Павловски, пак, пред присутните академици, писатели, професори и истакнати културни и општествени дејци на неговата промоција раскажа нешта за својот живот кои, како што рече, никаде не можат да се сретнат. „Јас не дебитирав во 1962, туку во 1960 година со еден расказ ‘Чекан’ во еден литературен културен магазин, подлисток кој беше чудесно уредуван од Влада Урошевиќ. По сила на околностите во 1963, по повод катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога поради страдањата ние бевме во центарот на светското внимание, во западните медиуми прочитав сочуство, солидарност и сожалување. Таму имаше дека за разлика од развиената Европа каде што паѓаат седум книги годишно по глава жител, во таа Македонија седум жители делат една книга. Тоа беше страшно потресно за мене и доста долго размислував за тоа. Некаде во 1964 при крајот на годината, формиравме една издавачка куќа која ги совлада сите ветрови на комунизмот, и на недовербите и која се издигна во самиот врв на европските издавачки куќи со продукција од 200 книги годишно, а ‘Паблишер викли’ најугледниот магазин за книга од Њујорк ја спореди меѓу десетте најдобри во 1979 година. Таа беше еден издавачки бисер којшто изврши голема мисија во нашата културна сфера. И во тоа време и додека ја раководев, таа навистина предизвика едно силно движење, се создадоа можности за стотина илјади наслови кои влегоа во македонските библиотеки. Едноставно се пополни македонскиот културен простор со книги на мајчин јазик, така се развиваше македонскиот јазик. Скопје односно Македонија беше спомнувана како центар каде што не само што се приопштува светската класика и каде се развива солидна литература, туку и како центар во кој се објавуваат сите современи литературни остварувања. Јас бев главен уредник на тој издавачки џин, во денешни услови, којшто во време на приватизацијата падна како жртва на неразумни луѓе“, посочи Павловски.
Академикот, кој е добитник на наградите „Рациновото признание“, „Стале Попов“, „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, како и на повеќе меѓународните признанија, истакна и дека имал среќа во текот на уредувањето на изданијата да среќава многу автори кои подоцна добија Нобелови награди. „Прво 1970. лично го посетив Патрик Вајт којшто беше еден бегалец од Британија во Австралија и кој со голема срдечност ми го довери романот ‘Вос’ да излезе прво на македонски, тој по две години доби Нобелова награда. Таква привилегија имав потоа во Каиро, Египет со еден Нагиб Махфус, па со Чеслав Милош, па потоа со Тони Морисон во Америка. Тие подоцна добиваа Нобелови награди. И беа објавувани на македонски јазик со извонредни изданија. Чувам некои поздравни писма од нив. Исто така, во тие времиња Македонија ја посетуваа врвни литературни толкувачи на пр. Виктор Школовски беше во ‘Мисла’, Вејн Бут, еден од најдобрите толкувачи на прозата, а во 1971/72 почна да доаѓа на Струшките вечери на поезијата едно момче и остануваше, но во ‘Мисла’ доаѓаше со денови, со прерамки, бела кошула и патики… тоа беше Петер Хандке Нобеловецот. Значи во тие времиња македонскиот простор главно преку Скопје беше епицентар на убави настани“, раскажа Божин Павловски.
Тој се потсети и на 1988 година. „Во 1988 кога многу се бурбатеше овој простор, мене ми се случија убави работи. На пример за овој подвиг со ‘Мисла’ бев награден со највисоко признание – Орден на заслуги, истата година на 46 години ме примија во МАНУ, беше објавен романот ‘Уткини соседи’ кој освои неколку признанија и кон крајот на таа година по моето пристапно предавање на 7. ноември претседателот на МАНУ рече деке ме вика тогашниот премиер. Тој ми понуди задача, бидејќи ситуацијата е многу неизвесна и Македонија може да биде окупирана, да создадам некакво јадро надвор подалеку. И така јас почнав со својата австралиска авантура. На почетокот беше многу тешко, но имаше среќни околности и веќе за една година македонските неделни весници кои што излегуваа секој вторник и четврток се здобија со висок рејтинг, секогаш меѓу десете најдобри во Австралија каде излегуваат некаде околу 120 моќни етнички неделници. Тие неделници и ден денес излегуваат, преку 3500 изданија има, ја шират македонската култура на континентот кој е голем колку Европа. Така што тоа е мојата животна приказна…“, заврши Божин Павловски.
Инаку, во исто време со издавачкиот потфат на МАНУ и „Матица македонска“, „Грифин прес“ во Австралија на англиски јазик, во редакција на Бредли Досон, ги објави романите на Павловски во печатена верзија, а глобалниот издавач „Киндл букс“ ги презеде за дигиталниот пазар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.