На 26 октомври (четврток), со почеток во 19:15 часот, во Културно информативниот центар во Скопје, ќе се одржи Омаж по повод 20-годишнината од упокојувањето на современиот македонски поет, академик Анте Поповски. Настанот е во организација на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО и е составен дел од годинешното шесто издание на меѓународната поетско-културна манифестација што се одржува во чест на македонскиот книжевен великан и го носи неговото име.
Омажот всушност е мултимедијален настан, а ќе биде отворен со кус сегмент од документарниот портрет на Анте Поповски и снимка на негови стихови интерпретирани од артистот Славко Нинов.
Низ програмата на овој настан ќе нѐ води модераторот, Татјана Алексиќ, а за делото и творештвото на Анте Поповски, пред присутните ќе беседи проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ.
Присутните ќе имаат можност да слушнат дел од првото пеење Каин и Авел од грандиозното дело на Поповски „Света песна“ во изведба на артистката Софија Гогова Врчаковска, на која потоа ќе и биде врачено признанието познато како награда „Антева златна книга“. Наградата се состои од книга поетски творби од Анте Поповски во кожен повез, испишани со неговиот оригинален ракопис. Почесното признание, кое Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО го доделува на истакнати личности, на Врчаковска ѝ припадна за нејзината повеќедецениска континуирана афирмација на творештвото на Анте Поповски пред сѐ на програмите на Македонската радио и телевизија, но и на повеќе настани организирани во негова чест по разни поводи.
Во чест на поетот, д-р Атина Цветаноска ќе промовира комбинирана веб-страница која содржи бројни значајни податоци за творештвото на Анте Поповски, за Здружението кое се грижи за чување и афирмација на неговото дело и оставнина, како и за реализацијата на шесте досегашни изданија на Меѓународната манифестација „Анте Поповски –Антево перо“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.