Во рамките на музичката програма на годинешното издание на „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе одржи концерт  Дино Имери.

Имери е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот, како гостин на врвни оркестри, како уметник – изведувач на  рецитали и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното..“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката на неговите концерти.

За неговата уметност стручната критика ќе напише: „Дино Имери не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот. Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника,инструментална култура и фасцинантна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет во неговите изведби – ова е краток опис на неговото големо умеење.“ (Е. Дочева, Kultura.bg).

Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Филхармонијата на Р. Македонија, Симфонискиот и Камерен оркестар на ФМУ-Скопје, Оркестарот на НОБ.

Добитник е на бројни награди и признанија: „Виртуози“ за млад музички уметник, „Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат е на Фондацијата „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на популарноста, рангиран е  во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie и др. Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи, бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика. Со музичко образование се стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), дипломира со високи почести на ФМУ-Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести и просек 10,00 на ФМУ- Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Од 2018 гoдина Дино Имери предава на Факултетот за музичка уметност во Скопје при УКИМ.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.