По повод 100 години од раѓањето на македонскиот класик Ацо Шопов, издавачката куќа „Дијалог“ ја објави книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски. Ова е прва книга објавена во Македонија со разговори за писател водени со неговата сопруга, која, во дадениов случај, евоцира спомени за над четиристотини личности. Со широкиот дијапазон на разговорите, книгата претставува скапоцен влог во македонската книжевна и културна историја.
Конкретно, со оваа книга се разоткриваат не само многу досега непознати информации за творечкииот чин и за професионална и интмната биографија на Шопов, туку и податоци и информации за македонската и југословенската културна, политичка и општествена стварност во втората половина на XX век што досега не биле достапни за јавноста. Како што е нагласено и во предговорот на книгата, во разговорите објавени во „Од онаа страна на Небиднината“ е кажано многу од она нешто што било „неизречено / нешто што те притиска и пече“. Но, во разговорите има не само спомени и фактографија, туку и емоции, понекогаш и смеа, а речиси по секое отворено прашање, проговорува и самиот Ацо Шопов, и со запишаниот збор и со оној кажан само во разговорите со современиците.
Инаку, идејата за „Од онаа страна на Небиднината“ датира од 1993 година, кога Анте Поповски ја упатува пораката да останат и запишани сведоштвата на Светлана Шопова.
– Зборовите на Анте Поповски ми останаа како негов аманет што требаше да го исполнам… И еве, дојде времето и за тоа. Благодарение на идејната концепција и творечка вештина на Иван Антоновски и на сесрдната поддршка на соработниците на проектот, нагласува Шопова.
Како што истакнува Антоновски, по повеќе од четири децении од физичкото заминување на Шопов, кога чествуваме сто години од неговото раѓање, чекорењето од онаа страна на Небиднината на моменти не било лесно… Затоа што во разговорите е кажано многу од досега „скриеното“ и непознатото не само за творештвото на Шопов и за неговата приватност туку и за неговото севкупно себевложување во вредностите и во развојот на нашата книжевна и општествена стварност во втората половина на XX век. Она што потврдува дека воопшто со своето дејствување и живеење, а не само во поезијата, тој има покажано дека „човекот кој ја носи небиднината како свој сопствен крст е посилен и потраен од самата небиднина“, како што има истакнато Георги Старделов.
– Со оваа книга, чинам ќе се оствари и аманетот што Анте Поповски го има оставено пред точно три децении. Но, се надевам дека од онаа страна на Небиднината се оствари не само морален долг, туку и дека се дојде до она што го очекувал Поповски: допојаснувања и „на сложената психобиографија на творецот“ и „на биографијата на времето во кое создаваше Ацо Шопов“. За да останат забележани и за времето сегашно и за времето идно. Затоа што „единствената, навистина болна, но и возвишена и херојска повест за судбината на човекот, за судбината на поезијата“, како што има нагласено и Старделов, „ќе трае сè дури трае јазикот на кој пееше Ацо Шопов“ – македонскиот, напоменува Антоновски кој важи и за исклучителен познавач на творештвото на Шопов меѓу поновите генерации македонски книжевни истражувачи.
Објавувањето на „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ е остварено во рамките на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, а со поддршка од Министерството за култура и од фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.
Корицата на книгата е илустрирана со „Портрет на Ацо Шопов“ (1983 г.), од реномираниот македонски сликар Танас Луловски, додека дизајнот на корицата му го должиме на академскиот графичар Тони Васиќ.
Наскоро, книгата ќе биде достапна за читателите и во поголемите книжарници, а нејзините први промоции се планираат кон крајот на ноември во рамките на програмските содржини за чествување на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот великан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.