Издавачката куќа „Славика либрис“ од Скопје ја објави книгата – книжевна репортажа „Русија од страна на кујната. Како да се изгради империја со нож, црпалка и виљушка“ од полскиот автор Витолд Шабловски, а во превод на Лидија Танушевска.
„Русија од страна на кујната“ е книжевна репортажа, во која авторот, Витолд Шабловски, во потрага по рецептите од руската кујна, ја прикажува руската историја од времето на царското семејство Романови до владеењето на Владимир Путин. Ја „лови“ приказната од личните готвачи на царот Николај II, Ленин, Сталин итн., од готвачките во училиштата за време на „гладоморот“ во Украина, од пекарите во опколениот Ленинград, од кримските Татари, подоготвувачи на улична храна.
Од оваа книга ќе дознаете што јадел царот, но и како се снаоѓале за храна изгладнетите војници на Црвената армија; што се јадело во атомската централа „Чернобил“ по хаваријата, но и што јадел Јуриј Гагарин во вселената; како изгледала последната вечера, на која се направил договорот за растурање на Советскиот сојуз, но и каков готвач бил дедото на претседателот Путин. И уште многу други работи што не сте ги знаеле за Русија.
Притоа, може и да зготвите некое јадење од рецептите во книгата, како на пример: пељмени, блини, плов, но и некои егзотични јадења, а од некои од рецептите (внимавајте!) може и да ви се слоши.
Витолд Шабловски (1980) е полски репортер и сценарист. Неговите книги се објавени на четири континенти. Дипломирал на Катедрата за новинарство и политички науки на Универзитетот во Варшава. Дополнително, студирал политички науки во Истанбул.
Неговата збирката репортажи за Турција со наслов „Убиецот од градот на кајсиите“ (2010) се смета за една од најважните книги објавени во САД во 2013 година. Неговата книга „Танцувачките мечки“ американските критичари ја нарекле скапоцен камен, а Шабловски мајстор за раскажување приказни.
Лауреат е на повеќе престижни награди. Во моментов, тој е еден од напреведуваните полски автори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.