Во издание на „Макавеј“, деновиве излезе од печат книгата „Паметење, заборавање и други важни нешта“ од современиот македонски политиколог, дипломат и професор д-р Васко Шутаров. Во изборот текстови од новото издание на Шутаров може да се најдат неговите колумни објавени во последните две години (во периодот од август 2022 до август 2024 година.
Препорачувајќи ги колумните на Шутаров, рецензентката на ова издание, новинарката Сребра Ѓорѓијевска, истакнува дека „Шутаров прави спој, амалгам на историските факти, го бележи совремието, ги става работите во контекст, прави паралели, но отворено и искрено, вметнува и многу лични моменти кои на неговите колумни им даваат топла нишка што читателите секогаш ја препознаваат и ја поздравуваат.“
Таа се повикува и на она што писателот Бранко Цветкоски го рече за неговите први две книги колумни на промоцијата во Гевгелија: „Како што од овие две книги на Шутаров зрачи вербата во моќта на човечкиот разбор и на слободниот човечки избор во животот, така зрачи и вербата во моќта на културата и културната дипломатија со која тој е уверен дека можат да се објаснат и политичките појави и процеси што тешко се објаснуваат! А како доктор на политички науки и како човек што едно време се занимавал со жива политичка практика, уште толку е убеден дека нема добри политички практики без добри културни политики и практики, како ни добри и успешни политичари без политичка култура во меѓусебната комуникација, без уважување и поклон кон културата, воопшто“.
Васко Шутаров е роден на 9 јуни 1964 година во Кавадарци. Во 1989 година, дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, на насоката по дипломатија. Магистрирал во областа правни науки и применета дипломатија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и докторирал во областа политички науки на истиот универзитет. Неговиот научен интерес ги опфаќа областите политички науки (со посебен интерес за меѓународните политички односи), меѓународни културни односи, јавна, културна и дигитална дипломатија.
Во својата професионална кариера, бил советник во Советот на Општина Гевгелија (2000-2006 година), пратеник во Собранието на Република Македонија (2006-2011 година) а бил и претседател на Комисијата за култура во Собранието на Република Македонија (2009-2011 година). Во периодот од 2009 до 2011 година претседавал со Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија. Од 2011 до 2017 година бил министер-советник во Македонската амбасада во Софија, Република Бугарија, и директор на Македонскиот културно-информативен Центар во Софија. Од 2020 година, на Универзитот МИТ предава предмети од областа на дипломатијата, меѓународните односи, меѓународните организации и ЕУ интеграциите. Од октомври 2024 година, стапува на должност директор на Македонскиот културно-информативен Центар во Белград, Р. Србија.
Автор е на бројни научни трудови и на книгите:
„Јавна и културна дипломатија“ (Панили, 2014);
„Публична и културна дипломатия “ (Изида, София, 2016);
„Културна дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите наследнички“ („Софија“, Богданци, 2019).
„Со зрно сол. И парче локум : карантински колумни и есеи“ (Макавеј, Скопје, 2021).
„Кога татковината станува чедо, а вистината – борба! (колумни и есеи)“ (Макавеј, 2022)
„Паметење, заборавање и други важни нешта: (колумни август 22’ – август 24’, Макавеј, 2024)
Во периодот од 2019 до денес, редовно објавува колумни за порталот „Република”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.