Од печат излезе „Девојчински спомени“, првиот превод на македонски јазик од француската писателка Ани Ерно во превод на Елисавета Поповска. За својата „храброст и клиничка острина со која ги открива корените, отуѓувањето и колективните ограничувања на личната меморија“, Ани Ерно во 2022 година ја освои Нобеловата награда за литература.

„Девојчински спомени“ е уште едно навраќање на авторката кон лавиринтите на своето минато. Овој пат таа оди педесет години наназад, во летото 1958 година, кога имала само осумнаесет години. Во центарот на оваа книга се наоѓа еден трауматичен настан, нејзиното прво сексуално искуство, чие значење авторката се обидува да го открие многу години подоцна.

„Девојчински спомени“ допира многу теми, вклучувајќи ги класата, сексуалноста, родовиот идентитет и функцијата на литературата во XXI век. Како и во останатите дела на Ани Ерно, така и во оваа книга се среќаваме со низа интересни фикционални и нефикционални постапки: вметнување зачувани дневнички записи и писма, наизменична употреба на првото и на третото
раскажувачко лице, реферирање на историскиот и на политичкиот контекст и бескомпромисното и сурово лупење на слоевите на сопствениот идентитет.

Со „Девојчински спомени“, издавачката куќа „Илика“ ја започнува својата едиција „Современа проза“ во чиишто рамки наскоро ќе бидат издадени и дела на Едуар Луј и Дидје Ерибон.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.