Во Прилеп излезе од печат новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж 2“.
Во рубриката „Проза“ се застапени куси прози на Митко Маџунков, прозата „До невозможното“ на Димитрие Дурацовски, расказот „Помеѓу минатото и сегашноста“ на Сузи Тенева, куси-куси раскази на Иван Шопов, и извадоци од новите, сѐ уште необјавени романи на писателите Владимир Илиевски („Добар ли си?“), Билјана Тинтоска („Симфонија“), Анде Д. Јанков („Анатомија на приказните“), и од прозниот ракопис во коавторство на Оливера Андоноска и Александар Андоноски („Еден ден ќе си дојдам дома“).
Рубриката „Поезија“ носи најнови песни на поетите: Кире Неделковски, Сеида Бегановиќ, Виолета Танчева-Златева, Иван Додовски и Ѓоко Здравески а рубриката „Нови гласови“ го промовира новото раскажувачко перо Ивана Димитриоска со извадок од прозниот првенец во ракопис „Кога летаат орлите“ посветен на бегалската, воена тематика.
Во рубриката „Препеви, преводи“ препевот на Никола Маџиров ни претставува поезија на американскиот поет Марк Стренд, на српскиот поет Александар Ристовиќ и на црногорската авторка Драгана Трипковиќ.
Рубриката „Театар“ ја донесува комичната едночинка „Не за кого е речено, за кого е печено“ на Сузана Ѓорѓиевска, како и промотивното слово на актерката и режисерка Звездана Ангеловска за книгата „Драми (Трудници/Тајни)“ под наслов „Нешто за драмите на Габриела Стојаноска-Станоеска“.
Во рубриката „критики, есеи, студии“ објавени се: есејот на Лорета Георгиевска Јаковлева „Актуелноста на Гогољ денес: кон романот „Мртви души“; рецензијата на Весна Мојсова Чепишевска за поетската збирка „Преобразби“ на Весна Ацевска, критичкиот осврт на Силвана Димитриевска за поетската збирка „Зборка“ на Тања Аждаја и студијата „Апокрифноста на ликот на Болен Дојчин“ на Елена Ѓорѓиовска. Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.