Вкупните средства наменети за финансирање на проекти од национален интерес во културата за оваа година изнесуваат 867.600.000 денари или 14 милиони евра. Средства, меѓу другото, и оваа година има за одбележување на значајни јубилеи, за заштита на културното наследство, за Универзалната сала, како и за меѓународна афирмација на македонската култура.

Како што информираше министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешната прес-конференција, и оваа 2024 година е година на значајни јубилеи и годишнини, чие одбележување е поддржано со годишната програма.

Поточно, ќе се одбележат сто години од формирање на првиот Археолошки музеј, 80 години од основање на Националната Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, 80 години Филхармонија, 75 години Танец, 20 години од смртта на претседателот Борис Трајковски.

Годишнините, како што рече, ќе не навратат на спомените и на чествување на Гане Тодоровски, Петре М Андреевски, Томо Владимирски.

Костадиновска Стојчевска посочи дека со годишната програма продолжува финансирањето на заштита на културното наследство, продолжува непосредната заштита на Скопскиот Аквадукт, на црквата „Света Богородица“ во Лешочки манастир, конзервација на Свети Ѓорѓи во Курбиново.

-Продолжува финансирањето на непосредна заштита и реализација на проект за конзервација и реализација при покривање на црквата  „Успение на пресвета Богородица“ во Матејче, проект за состојбата на црквата „Успение на пресвета Богородица“ во манастирот Трескавец, адаптација на старото училиште во Љубојно, во Центарот за промоција на македонски јазик, како и заштита и конзервација на културното наследство на Лазар Личеноски, додаде министерката.

Како што подвлече, продолжува финансирањето на Турски театар, Театар и библиотека во Тетово, Театар Куманово, реконструкција на Музеј на Македонија, реконструкција, санација и адаптација на објект на поранешно кино Партизан при НУ Народен театар Битола во мултифункционален центар, реконструкција со надградба и доградба на објектот Универзална сала.

Во однос на меѓународна афирмација на македонската култура, министерката рече дека се поддржани проекти од повеќе дејности и автори и уметници како и млади талентирани уметници.

-Предност имаа квалитетните и иновативни проекти кои ќе се реализираат во земјите претседавачи со ЕУ, проекти кои ќе се реализираат во градови европски престолнини на култура, проекти кои се во функција на унапредување на стратешкиот дијалог со САД, проекти за продлабочување на соработката со дијаспора, проекти за регионална соработка и поврзување, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа додаде дека вкупните средства наменети за финансирање на проекти од национален интерес во културата за оваа година се за 1,5 милиони евра повеќе од ланскиот буџет за оваа намена.

-Во системот за електронско аплицирање пристигнаа 3.132 пријави од кои 313 се одбиени по административната проверка, заради пријави во несоодветна дејност, непотполна документација, а во некои случаи наместо документ, приложен е празен лист. Комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави, во своите извештаи акцентираа дека апликантите имаат се поголема одговорност кон условите за аплицирање, како и кон критериумите. Поретко, но и натаму се случува да се аплицира со ист проект неколку пати или со проект кој веќе бил поддржан на конкурси во изминатите години, додаде Костадиновска Стојчевска.

Таа исто така потсети дека проектите од креативните индустрии се дел од годишната програма, дејност за која е отворена нова буџетска линија.

-Во поголемиот дел од 26 пријавени проекти во оваа програма, Комисијата препозна проекти кои „ги поместуваат границите и нудат поразлични перспективи во креативните индустрии“. Според извештаите на Комисиите, евидентни се нивните напори во рамки на предвидениот буџет да направат правична и професионална селекција според утврдените критериуми да се вреднува традицијата, да се поддржи квалитетот и континуитетот, да се внимава на јавниот интерес и на потребите на граѓаните, да се поддржат младите и да се стимулира нивната креативност, појасни Костадиновска Стојчевска.

Таа посочи дека резултатите ќе бидат објавени на веб страницата на Министерството за култура



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.