На 26 декември 2023 година во Културно информативниот центар во Скопје во салонот 19:19, со почеток во 11 часот, ќе може да ја погледнете новогодишната комедија за деца „ Веселиот Дедо Мраз“, во режија на Роберт Ристов.

Кој најмногу се радува на новогодишната ноќ? Се разбира децата. Децата од целиот свет. На тој ден се возбудени бидејќи знаат дека Дедо Мраз, ќе дојде кај нив дома и под новогодишната елка, ќе им ги остави подароците за кои сонувале целата година. Новогодишна ноќ е претстава која нуди забава, игра и смеа, но секако не изоставувајќи го и едукативниот дел. За разлика од сите други претстави, во оваа претстава Дедо Мраз е застапен од почеток до крај на претставата и децата од публиката се пресреќни, бидејќи тој комуницира со нив и се консултира како да се надмине за нив најголемиот проблем пред самата новогодишна ноќ и во новата година да се влезе без досегашните недоразбирања и проблеми.

 

Тале и Маре се две пргави дечиња кои со нетрпение го очекуваат доаѓањето на Дедо Мраз, во нивниот дом. Целиот ден се спремаат, го украсуваат домот, пуштаат новогодишни песни, танцуваат, но секако и се надмудруваат, кој бил подобар изминатата година и кој ќе го добие поубавиот подарок. Дали Дедо Мраз ќе успее од нив да стигне и кај другите дечиња? Дали тој ќе успее да ги научи дека подарокот и не е толку важен, колку што е важно здравјето, среќата и пријателството? Дали тој ќе си замине среќен или нема да може да успее со овие две дечиња, останува да ја погледнете новогодишната комедија за деца „ Веселиот Дедо Мраз“.

Играат: Мирјана Поповска Ристов, Радо Алексовски и Роберт Ристов



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.