Младинското здружение „Култура Бета“ во рамки на „Ноември со Јулијана Величковска“ организира книжевна дружба со поетесата Јулијана Величковска што ќе се одржи во сабота (26 ноември) во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 20:00 часот.

„Присутните на настанот ќе можат да проследат разговор посветен на делата и преводите на Величковска, читање од стихозбирките ‘Комарци’ и ‘Отворена книга’ и од романот ‘Годишни времиња’, а ќе биде прикажан и поетскиот филм ‘Комуна Капиштец 2001’ на Марија Шаклева и Сандра Ѓоргиева направен според истоимената песна на Величковска“, велат од здружението за креативно и културно изразување.

Модератор на настaнот ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски.

Јулијана Величковска има дипломирано на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Таа е поетеса, писателка, уредничка и преведувачка. Член е на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, ко-основач е и директорка на „Скопскиот поетски фестивал“, член е на Друштвото на писатели на Македонија и основач на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.