Со Договорот за соработка меѓу Албанија и Македонија за враќање на незаконски изнесените икони во земјата на потекло, што беше потпишан вчера, се враќаат 20 икони кои пред десетина години беа нелегално изнесени од земјата, а постапката ќе се финализира по ратификација на Договорот во двете држави. Се отвора процесот за враќање и на други икони од Албанија што беа идентификувани неодамна.
Како што информираше министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, постапката се реализираше во период од повеќе од девет години и во неа беа вклучени стручни лица од Министерството за култура на Македонија, Управата за заштита на културно наследство, МАНУ, Национален конзерваторски центар, Завод и музеј Битола и Завод и музеј Охрид.
Тимот сите овие години стручните лица работеа синхронизирано и со една цел, враќање на иконите во земјава. Исто така, изразувам благодарност и до албанската страна, со која бевме во постојан контакт. Постојано разменувавме информации и стручни мислења. На заедничко задоволство, процесот има посакуван епилог, благодарение на професионалноста и на почитувањето на одредбите на Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година, за начинот на забрана и спречување нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра, чии потписнички сме и ние и Албанија, рече министерката на денешната прес-конференција.
Поточно, како што информираше, во рамки на случајот „Икона“, што во текот на октомври 2013 година се спроведе на територија на Република Албанија беа запленети голем број икони и црковни предмети.
Во меѓусебна соработка меѓу надлежните органи на двете земји, се разменија информации и сознанија кои потврдија дека 20 икони не се со потекло на Република Албанија, односно дека постојат индиции оти се нелегално изнесени од Република Македонија.
Во натамошната постапка се идентификуваа иконите, црквите и манастирите во Република Македонија од кои иконите се незаконски изнесени, временскиот период кога тоа е сторено и начинот на кој тие се пренеси во Република Албанија, рече министерката.
Како што напомена, Управата за заштита на културно наследство, орган во состав на Министерството за култура согласно член 442 а, од Законот за заштита на културното наследство донесе решение со кое 20 икони се утврдија за национално богатство на Република Македонија.
Согласно овој член 42 а од Законот за заштита на културно наследство, решение за утврдување на кутлурното наследство се донесува за антиквитети и други предмети на колекции, чија заштита не е востановена на друг начин, во случај кога тие се предмет на барање за извоз или изнесување во странство или кога незаконски се изнесени од територијата на Република Македонија и се предмет на реституција, односно враќање.
Истото е во согласност со член 3 и 13 од Конвенцијата за меѓу мерките за забрана и спречување на недозволен увоз и извоз и пренос на сопственоста на културни блага на Организацијата на Обединетите нации за просвета, наука и култура од 1970 година, на која потписник е Република Албанија, како и со Конвенцијата за украдени или незаконски извезени културни добра на Меѓународниот институт за унификација на приватното право од 1995 година.
Во меѓувреме, како што додаде министерката, се комплетираше документацијата според меѓународните прописи, а исто така и колегите од Албанија извршија увид во црквите од каде што се украдени иконите.
Целиот овој период, како што рече, постоеше и законска постапка која се спроведуваше и на албанската страна.
Се работи за комплексни процеси кои се финализираа со потпишување на овој договор, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа напомена дека за конечно враќање на иконите, потребно е двете собранија да ги ратификуваат договорите, по што ќе се случи и физичкото враќање на иконите во земјава.
Оваа постапка е успех, но и опомена дека треба да вложиме напори безбедносно да го заштитиме културното наследство со цел истото да не биде предмет на кражби, кои би резултирале со негово незаконско изнесување од државата. Со оглед на тоа што најчесто цел на незаконските изнесувања се археолошките предмети и иконите, мора да ги зголемиме мерките за поголема безбедносна заштита на овој вид културно наследство. Заштитата на културното наследство е наша најголема одговорност, на секој поединец и на сите институции, рече министерката.
Токму затоа, напомена, Министерството за култура и стручните установи за заштита на културното наследство изразуваат подготвеност за поголема соработка со МПЦ.
Со оглед на тоа што голем дел од секралните објекти се во непристапни и недоволно населени простори, со самото тоа тие се во ризик. Остануваме отворени за соработка и во делот на користење на депоата во нашите национални установи за времено депонирање на вредното културно наследство со кое располага Македонската православна црква, додаде Костадиновска Стојчевска.
Историчарот на уметноста, д-р Сашо Цветковски од МАНУ на прес-конференцијата посочи дека првпат во историјата на нашата држава се потпишува ваков договор и се воспоставува систем на соработка во таа сфера и изрази надеж дека ова ќе продолжи во иднина.
Тој информираше дека едниот процес е завршен, но вториот процес околу уште еден контингент икони кои ги идентификуваа сега скоро во Албанија допрва ќе се отвори. Но имајќи ги искуствата од сегашниот процес, Цветковски верува дека тој нема да трае десет години и ќе биде пократок.
Во еден период од 2008 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони. Ние насетувавме, но не бевме сигурни дека патот ќе не води кон Албанија. Во 2013 година откако ги добивме првите информаци, тие беа сосема случајно на медиумите од национална телевизија на Албанија, каде што тогашниот премиер Еди Рама направи увид да се види кои се материјалите кои се запленети. Веќе следниот ден се организираше целата постапка, за во декември 2013 година, мала екипа на професионалци, меѓу кои јас, колеги од МВР, отидовме во Тирана во Галерија на современа уметност, каде што беа депонирани, и наш прв впечаток беше фрапантен. Таму имаше илјадници предмети украдени од различни места од различни предели на Албанија, Грција, Македонија, објасни Цветковски.
Тој додаде дека колегите во Албанија кои го почнаа процесот биле фрапарини од тоа како да го почнат процесот, затоа што немале евиденција за иконите и за целиот инвертар.
Предноста наша беше што помеѓу крајот на 50 и 70 години, тука во Македонија е реализиран проектот „Евиденција и регистрација на недвижно културно наслество“, конкретно за икони, и благодарение на таа евиденција, ги дознавме најосновните потребни податоци. Тогаш идентификувавме 24 илјади икони. Од тогаш навака откако се објавија во 1982 година, ние имаме подготвено уште два тома, веќе 26 илјади икони се тука, а бројката оди накај 30 илјади. Постојано сме активни во овие истражувања, додаде Цветковски.
Како што рече, овие икони се важни како репрезент на едно време од 19 век и она што се творело во доменот на таа културна историја.
Сега, според Цветковски, треба еден сериозен пристап бидејќи дел од нив се оштетени, а на дел од нив се вршени интервенции на бришење на словенски сигнатури и натписи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.