Со промоција на третиот дел на книгата „Солунска 28“ на легендарниот музичар и автор д-р Неле Карајлиќ, на 18 април (четврток), издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе го почне своето претставување на 36. Саем на книгата. На најголемата книжевна манифестација, која се одржува од 18 до 24 април, во арената „Борис Трајковски“, Скопје, „Арс Ламина“ ќе се претстави под слоганот „Влези во бајка“. Оваа година на посетителите ќе им понуди над 1.000 изданија, попусти до 80 % на најбараните наслови, книги за 60, 100, 150 и 200 денари, како и многу саемски новитети – интернационални бестселери, сликовници и книги за деца. На програмата се промоции на книги, потпишување и дружба со авторите, како и работилници за деца. На првиот саемски ден (18.04), во 11 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе се одржи работилница за деца „Нацртај ми бајка“, инспирирана од „Нови бајки од Македонија“ и „Си беше еднаш“, на која ментор ќе биде илустраторот Орце Нинески. На 20 април (сабота), дружбата со читателите почнува во 11 часот со работилницата за деца „Мојата прва библиотека“, инспирирана од истоимената публикација со 31 книга за почетно читање. Настанот ќе биде под менторство на авторката Деспина Мукоска и илустраторката Калиопи Трпчева. Во 13 часот, под наслов „Џабе си у Скопје, ако не цепаш на Саем“, ќе се одржи потпишување книги и дружба со Зоран Спасов-Ѕоф, авторот на хит-изданијата „Цепај сине“, „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“, „Тито, мојот претпоследен херој“. Во недела (21.04), во 11 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе се одржи работилницата „Магијата на Мирабела и Исидора Мун“, инспирирана од омилениот серијал за деца од Хариет Мункастер. Со работилницата за деца „Како се прави џиновска сликовница?“, во 11 часот, ќе почне програмата на 22 април (понеделник). Во 17 часот е закажано потпишувањето на поетските книги на Катица Ќулавкова („На врв на јазикот“) и Зоран Анчевски („Коњски житија“) на штандот на „Арс Ламина“, а во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Страшни приказни“ од Сузана Камберова. Промотори на изданието, објавено во едицијата „Пегаз“, ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска. Во чест на Светскиот ден на книгата, 23 април, издавачката куќа „Арс Ламина“ организира низа настани. Во 11 част, на штандот ќе се одржи работилница за деца инспирирана од кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата „Читањето е супермоќ“, а во 17 часот познатиот поет Никола Маџиров ќе ја потпишува својата прва книга за деца – „Рокчето“. Во 18 часот, во Промо-центарот, „Арс Ламина“ организира панел во чест на Светскиот ден на книгата, „Светската книжевност објавена на кирилица“, на кој ќе учествуваат Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска. |
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.