Кога како млад новинар ги следев јубилејните, 25. Струшки вечери на поезијата некој ми кажа дека сè што трае во Македонија повеќе од две децении значи дека вреди. Тогаш сфатив дека за една манифестација, во случајот награда, во нашата држава, 25 години ако не е длабока старост тогаш се сигурно сериозни или барем средовечни години, рече синоќа Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“ која ја доделува наградата „Роман на годината“.
Синоќа во Драмски театар во Скопје се одржа свечено врачување на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Годинашен лауреат е романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“). Одлуката за наградата, која се состои од плакета, оригинална статуетка (изработка на академскиот скулптор Сашо Саздовски) и паричен износ од 150.000 денари, ја донесе жири-комисијата во состав: Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.
Романот на годината е како престарена рок-ѕвезда. За Мик Џегер може да кажете што сакате, ама не можете да му го урнете реномето. Во таа смисла мислам дека романот на годината го достигна тоа ниво да може комотно и комфорно да се „брчка“ во своето место во македонската култура. Сакам да мислам на оваа награда како на своевиден книжевен капитал што секој лауреат ќе го носи со себе и со гордост ќе го истакнува во своите биографии, рече Георгиевски.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година, од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“. Со оглед на годинешниот јубилеј, Георгиевски подели благодарници на помагателите на оваа најпрестижна книжевна награда кај нас, а гостите погледнаа и видео инсерти со дел од основачите на наградата и дел од лауреатите низ годините.
Свеченото врачување на наградата помина во знакот на големиот јубилеј, 25-годишнина од нејзиното постоење.
Четврт век живеам во и со романот на годината. Токму таа километража што ја изодевме со романот на годината ми создава измешани емоции, ми ги заматува мислите и сеќавања и не ми ги открива до крај перспективите на ова возбдуливо патување. Романот на годината помина низ многу трнливи фази. Мечот на тивкото изумирање не често му висеше на главата, не тоа денес се само стари добри времиња и периоди кои ќе ги прераскажуваме само со цел да си ја освежиме меморијата и да не си ги повторуваме грешките, рече Георгиевски, заблагодарувајќи им се на основачите на весникот „Утриснки весник“ без чиј сенс оваа награда немаше да постои.
Благодарам и на сите членови и уредници на култураната рубрика на весникот без чиј ентузијазам наградата ќе го немаше ова реноме што ги има денес. Благодарност и за сите членови на фондацијата „Славко Јаневски“ и на сите што поминале во изминатите години кои успеаја да го оджат квалитетот и континутетот на наградата и по згаснувањето на „Утрински весник“, кажа Георгиевски.
Ниту една награда, особено во творечките дејности не е ултимативна. Ниту една не дава гаранција дека е избран врвниот квалитет. Не е тоа ниту Пулицер, ниту Букер, не е тоа ниту Нобеловата награда за литература. Се разбира, не е тоа ниту наградата Роман на годината. Творештвото не е трка на 5000 метри па да се знае кој е подобар од другиот. Наградите, како впрочем и литературата, се одраз на општествениот контекст. Ниту тие не можат да го избегнат политичкиот, па ако сакате и идеолошкиот момент на времето. Најголем судија е времето. Времето ќе покаже дали нешто било квалитетно или не, кажа Георгиевски.
Георгиевски говореше и за Ниновата награда, за која рече дека на некој начин е постар брат на Роман на годината.
На некој нивни јубилеј тие објавија листа на романи што никогаш не ја добиле оваа награда, а кои многу подобро го издржале испитот на времето, за разлика од оние што во тој момент изгледале поважни или поквалитетни. Стојам цврсто и тврдо зад секој од 25-те романи кои досега се закитиле со ова признание, кажа Георгиевски.
Лауреатката Димковска во своето обраќање кажа наградата Роман на годината се повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и тоа ја прави најдемократска книжевна награда во Македонија.
25 романи го носат печатот на наградата и кога денес ќе ги погледнеме насловите на книгите, сфаќаме дека речиси на ниту еден од наградените романи не му поминал рокот на траење и не паднал во заборав. 25 романи – колку прекрасна и важна полица во библиотеката на македонската книжевност, за сегашните и за идните генерации, за сите нас!Статистиката на книжевните дела – наградени или во најтесната конкуренција за наградата, е импозантна: 25 наградени романи и 67 романи во најтесниот круг, или 92 романи во кои може човек да влезе низ малата врата на приказната, а да излезе низ големата врата на искуството. Самата сум деветтата авторка добитничка на наградата,што укажува на тоа дека наградата „Роман на годината“ сè повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и со тоа е, се чини, најдемократската родова книжевна награда во Македонија. Ќе стане и најдемократската јазична награда кога за неа ќе можат да конкурираат не само авторите и авторките кои живеат во или надвор од Македонија, а пишуваат на македонски јазик, како што сум самата, туку и авторите и авторките кои живеат во Македонија, а пишуваат и на некој друг – малцински или миграциски јазик. Единствено квалитетот треба да биде поле за натпревар меѓу книжевните дела. Колку тажен би бил фактот да не знаеме дека наш современик, наша современичка напишал-а одличен роман, само затоа што го напишал-а на друг јазик, а го пишувал-а тука близу, покрај нас, во истата космичка микро и макроклима на општествен, културен, метафизички и симболичен простор, рече во своето обраќање Димковска.
На свеченоста музички настап имаше џез бендот на Гоце Стевковски, а беше отворена и изложбата „25 години Роман на годината“ на која беа претставени сите дела – досегашни носители на ова признание.
Станува збор за лична донација на Манчо Митевски на Фондацијата, која се состои од сите нагредени дела со потписи и посвети на авторите. Манчо Митевски е еден од основачите на „Утрински весник“ и на наградата „Роман на годината“. Тој беше иницијатор за формирање на Фондацијата „Славко Јаневски“ со цел наградата да може да опстои и натаму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.